Откриена егзопланета во бинарен систем

0

Откриена е првата планета што орбитира околу една од двете ѕвезди во еден бинарен систем. Резултатот, добиен со методот на гравитациска микролеќа, што се основа врз нарушувањето што системот го предизвикува врз светлината што доаѓа од далечен извор, значително ги проширува знаењата за процесот на создавање на вонсончеви планети.

Оддалечена 3000 светлосни години од нас, орбитира околу една од две ѕвезди од еден бинарен систем, на растојание речиси еднакво на она што ја дели Земјата од Сонцето, има речиси двојно поголема маса од онаа на Земјата. Ова се особеностите на нова егзопланета што би можеле да ги променат досегашните познавања за тоа како се формираат земјовидните планети на кои има потенцијални можности за живот.

Опишан во статија објавена во списанието Science од Ендру Голд од државниот Универзитет во Охајо и неговите колеги како дел од поширока интернационална соработка, всушност се работи за многу невообичаен систем. Пред сé бидејќи е составен од две ѕвезди придружнички што не се разликуваат многу меѓусебно: се работи за првиот експериментален доказ за присуството на планета слична на Земјата во еден ѕвезден, бинарен систем. Згора на тоа, се работи за доста чуден факт каде планетата орбитира околу една од двете ѕвезди, додека досега се документирани примери на циркумбинарни планети, што орбитираат околу двете ѕвезди на бинарниот систем.

„Овој заклучок значително ги зголемува зоните во кои во иднина ќе може да се откријат планети погодни за живот, објаснува Скот Гауди, професор на Универзитетот во Охајо и коавтор на истражувањето“. „Половина од ѕвездите во галаксијата се бинарни: немавме поим дека планети од земјовиден тип можат да бидат создадени и во овие системи“.

Заслуги: Cheongho Han, Chungbuk National University

Заслуги: Cheongho Han, Chungbuk National University

За да го добијат овој резултат, Голд и колегите се служеа со многу моќен инструмент за откривање на вонсончевите планети, што се основа врз феноменот на гравитациската микролеќа. Според општата теорија на релативитетот, масите го деформираат системот време-простор, одредувајќи го скршнувањето на зраци светлина што транзитираат во близина. За големи, далечни маси како галаксиите или кластери на галаксии, ефектот е толку интензивен што делува како лупа: сликата на далечен извор на светлина изгледа двојна или повеќекратна, а нејзината делумна светлина може да изгледа појачана.

Во случај кога масата во прашање е ограничена на една ѕвезда, оптичкиот ефект е многу помал, и тогаш станува збор за гравитациски микроленсинг (микролеќа). Ефектот може да се искористи за откривање на вонсончеви планети: во ретките случаи кога еден планетарен систем го создава ефектот на микролеќа, масата на планетата предизвикува нарушување во гравитацијата што останува како „потпис“ во светлината на далечниот објект што се набљудува од Земјата. Многу тешко се забележува овој сигнал – особено во случај на бинарен систем, каде има две ѕвездени маси – но симулациите направени преку се пософистицирани компјутери овозможуваат да се добијат доста прецизни резултати.

Од експериментална гледна точка, во суштина, можноста да се открие присуството на планета што е дел од бинарен систем се надоврзува на способноста да се препознаат два различни сигнала на нарушување, едниот се должи на гравитацијата на планетата а другиот се должи на втората ѕвезда. „Откритието не треба да се смета за банална работа“, заклучува Голд. „Сепак, нашата компјутерска симулација не може да погреши“.

Превод: Кристина Стаменова

Извор: Le Scienze

Сподели.