За астробиологијата често се вели дека таа е “релативно нова” гранка на науката, што технички и не е толку точно. Таа е гранка на науката која се развива и се шири со голема брзина, но тоа никако не значи дека е нова!
Грчкиот филозоф Метродорус, учител на Демокрит, пред 2.400 г. поставил теза за други цивилизации во Вселената. Тој изјавил дека е бесмислено да се гледа на Земјата како на единствена населена планета во бесконечната Вселена. Метродорус се интересирал дали постои живот на друго место, на некои други небесни тела. Старите Грци немале толку информации и знаења за планетите и Вселената како ние денес, но ова ги поттикнало првите астробиолошки дискусии.
Џордано Бруно, во 16 век, во времето на ренесансата, изјавил дека во Вселената постојат безброј соѕвездија, сонца и планети. Ние го гледаме само Сонцето, бидејќи дава светлина, а планетите остануваат невидливи бидејќи се мали и темни. Исто така, бил уверен дека постојат и безброј земји што кружат околу Сонцето. Денес, во време кога се откриваат планети слични на Земјата кои кружат околу својата ѕвезда, оваа изјава изгледа фасцинантно за 16-ти век. Ако некој заслужува да се нарекува татко на астробиологијата, тоа треба да биде Џордано Бруно, кој за жал, поради овие негови изјави, но и поради други изјави кои не им се допаѓале на религиозните владетели, бил јавно запален.
Изум на телескопот
Со изумот на телескопот човештвото доби можност да го подигне нивото на истражување на Вселената и небесните тела.
Но, не само што се претпоставува, туку веќе и се посветува време на докажувања на тврдењата од разни научници дека може да има живот и на други планети. Сега, кога веќе постои телескопот и може да се видат многу планети, сепак нема доволно информации за нивното природно опкружување и атмосфера. На фотографијата може да се забележи една од првите погледи кои ги набљудувал Галилео Галилеј по неговото откривање на телескопот во 1609 г. Тоа е фотографија на Јупитер и неговите сателити, четирите негови месечини, кои уште се нарекуваат и Галијански месечини.
Вилијам Хершел
Уште еден познат научник, Вилијам Хершел, се вклучил во дискусиите и набљудувањата на Вселената. Тој, набљудувајќи ја површината на Месечината, заклучил и запишал дека тие мали и чудни кругови се всушност дело на Лунаријанците, цивилизација која живее на Месечината, и дека тоа се нивни градови. Сега се знае дека се тоа кратери, настанати од удари на астероидите врз површината на Месечината.
Кристијан Хајгенс
Познатиот холандски астроном, Кристијан Хајгенс, набљудувал чудни точки и полиња на површината на Венера, Марс и Јупитер. Денес за тие точки и полиња со сигурност се знае дека се бури и пустини на нивната површина. Според неговите набљудувања на овие површини, тој го заклучил и го запишал следното: „Културата и музиката на жителите на Венера и Јупитер е на високо ниво на развиеност, слично како кај Французите и Италијанците.“
Персивал Ловел
Познатиот научник, Персивал Ловел, набљудувал чудни линии преку целата површина на Марс и бил опседнат со теоријата дека тие линии се вештачки канали, кои ги изградила некоја цивилизација која изумрела. Тој запишал дека овие канали се изградени од оваа цивилизација на Марс, кои ја насочувале водата од половите кон населените места. Иако важел за признат научник, оваа негова теорија го следела до крајот на неговиот живот.
Вселенско време
Вселенското време започнува околу 1950 г. и оттогаш човештвото доволно напредуваше да ги развие првите сателити, летала, истражувачки сонди, вселенски телескопи и други направи за истражување на Вселената. Се лансираа истражувачки сонди на Марс и Венера, од кои се добија првите фотографии од површините. Ова е фотографија од површината на Марс од 1965 г. од вселенското летало Маринер 4, каде се забележува дека Марс изгледа како пустина без цивилизација. Следните истражувачки мисии покажаа дека низ прастарите корита, природни реки и канали на површината на Марс течела голема количина на вода. Со присуството на вода, постои голема можност да има и некаков облик на микробиолошки живот, бидејќи во оптимални услови водата учествува во природниот хемиски состав на создавање на градежните блокови на животот.
Уреј – Милеровиот експеримент
Еден од најважните експерименти од подрачјето на астробиологијата е изведен во 1952 г. од страна на Стенли Милер и Харолд Уреј. Овие научници ги симулирале условите на Земјината атмосфера во првите фази од настанувањето на планетите и ја тестирале можноста за настанок на живот во тие претпоставени услови. Научниците направиле стерилизиран и затворен склоп од стаклени садови и стаклени цевки со две електроди во една од садовите. Во склопот ставиле водород, метан, амонијак и вода. Водата ја загревале за да се добие водена пареа, која кружела околу стаклените цевки до другите стаклени садови во кои се наоѓале останатите гасови. Со електроди симулирале громови во атмосферата. По тринеделни повторувања на истиот процес, кондензирања и ладења, научниците Милер и Уреј забележале формирање на аминокиселини, една од градежните блокови на животот.
Ова била извонредна вест за астробиолозите и оптимистички момент за астробиологијата како наука. Денес се знае дека составот на Земјината атмосфера бил различен од оној во прикажаниот експеримент, но, овој експеримент сепак е еден од потемелните истражувања за настанокот на живот во Вселената, кој го покажува можниот процес на развој од првите облици на живот на Земјата.
Некои научници истовремено истражуваа и проучуваа прастари камења и карпи со цел да пронајдат докази за првите живи организми на Земјата. Еден таков интересен камен, Апекс Черт, стар над 2.5 милијарди години, е пронајден во Австралија и со дополнителни анализи научниците заклучија дека содржи микрофосили – можен фосил на еден од првите облици живот на Земјата. Во моментот во научниот свет се води голема дискусија за Апекс Черт фосилот.
Викинг мисии
Едно од најзначајните астробиолошки истражувања во вселенскиот период се одвиваше во 70-те години од минатиот век. Човештвото лансираше истражувачки вселенски летала – Викинг 1 и Викинг 2, а мисијата имаше за цел да слетаат на површината на Марс и да соберат информации поврзани со пронаоѓање на биолошки знаци на живот. Овие се првите астробиолошки мисии на површината на Марс, на кои целта им беше да соберат докази за постоење живот во Вселената. Во иднина ќе може да се очекуваат многу повеќе информации, а веќе многу податоци донесе вселенската мисија со Кјуриосити. Денес сè повеќе приватни организации се насочуваат кон истражување на Вселената и тоа секако е одлична вест за астробиологијата нејзиниот напредок.
Контакт
На 16.11.1974 г. човештвото испрати прв сигнал во Вселената, со цел остварување на комуникација со вонземната интелегенција. Со помош на радио телескоп на опсерваторијата Аресибо (Arecibo), сместена во Порторико, испратен е бинарен сигнал кон соѕвездието М13, оддалечено 25.000 светлински години од Земјата, со надеж дека ќе биде откриен, дешифриран и возвратен.
Бинарниот сигнал, кој може да се види на фотографијата, прикажува неколку основни информации за планетата Земја: броевите од еден до десет, атомски број на фосфорот, водородот, азотот и кислородот, формулата на ДНК, графички приказ на човекот и димензиите на просечниот човек, бројот на популацијата од 1974 г. графички приказ на Сончевиот систем, графички приказ на радиотелескопот Аресибо и неговите димензии.
Енцелад и Титан
Истражувачките сонди сè почесто се испраќаат во длабоката Вселена. Така, од една таква истражувачка сонда добиена е фотографијата на Сатурновиот сателит, Енцелад. Фотографијата покажува дека овде постојат гејзири кои исфрлаат водени честици во атмосферата. Сите астробиолози ги интересира дали во идните мисии ќе се пронајдат биолошки знаци на живот на Енцелад, бидејќи истражувачкото вселенско летало Касини–Хајгенс откри траги од разни гасови и комплексни споеви на јаглерод во атмосферата.
Вселенското летало истражуваше уште една Сатурнова месечина, Титан. Леталото откри дека површината на Титан е прекриена со замрзнати карпи, океани од метан и реки, низ кои тече метан и етан. Титан е вонземен свет, полн со органска хемија, која низ следните истражувања може да даде повеќе информации за еволуцијата и развојот на животот на Земјата.
Во последните две децении, астробиолозите имаа можност да ги проучуваат планетите кои орбитираат околу своите ѕвезди и да бараат планети кои се слични на Земјата. Може да се каже дека за астробиолозите најважна работа е да пронајдат друга Земја.
Неодамна се откриени само неколку планети слични на Земјата, кои би можеле да бидат поволни за развој на живот. Поради нивната оддалеченост, ќе мора да се почека за да се добијат резултати од истражувачките мисии за можноста од постоење на живи организми на нивната површина.
Извор: Znanost
Превод: Петар Ивановски