Конечно пак на терен

0

По три месечен пост предизвикан во главно од лошо време, конечно ни се разведри и успеавме да истераме една прекрасна вечер под ведро небо со телескопите. И ова одење не се направи од прва, времето како да се поигруваше со нас па првата вечер иако очекуваме дека ќе ни се разведри по пат кон Рудине не дочека слаб дожд. Покрај дождот имаше непријатен и ладен ветер кој брзо не врати дома. Желбата да се оди на терен беше преголема, па откако се разведри целосно повторно се организиравме и заедно со неколку посетители на курсот се упативме на кај Рудине. Имаше мал ветер, ама тој не пречеше многу и дури помагаше да се не кондензира влагата на оптиката.

Покрај Големиот добсон телескоп носевме и двата фотосетапа за фотографирање. Небото беше ведро и насекаде имавме прекрасна глетка. Додека не се стемни доволно да почнеме да ги гледаме објектите од длабоко небо, го искористивме времето да ги погледнеме трите планети.
Јупитер го фативме на самото заоѓање и освен сателитите, немаше ништо друго интересно да се види бидејќи беше премногу ниско. Потоа дојде на ред Марс во фаза која беше добро забележителна. Веќе беше оддалечен многу за да има некои поинтерсни детали. Со Сатурн е друга приказна. Тој е секогаш убав и јас лично никогаш нема да му се насетам гледајќи го. Со прстените и 4 месечини одзема многу време за гледање.

Веднаш потоа се стемни и дојдоа на ред објектите од длабокото небо, но прво ја гледавме кометата Панстарс С2012 К1 која има сјајност околу 7.5 магнитуда па затоа одлично се гледаше комата и опашката. Потоа се редеа објектите од познатиот Месијеров каталог, но би ги издвоил М51 кој и го фотографиравме, маглината Веил, М57 и М27. Ги поминавме и сите познатите збиени јата, познатите глобулар кластери како што се М13, М5, М4 и М80.

Колку беше добро небото збори и фактот што пред крај гледав и еден глобулар кластер со ознака NGC 6541 кој се наоѓа на -43,42 степени деклинација или на околу степен од хоризонтот. Вреди да се споменат на неколку убави галаксии во соѕвездието Косите на Вероника. Тука би ги издвоил NGC 4631 и Игла галаксија.

Фотографите пак со своите фотоапарати успешно фотографираа неколку објекти кои можете да ги видите во овој извештај.

М16 маглина Орел во Стрелец. Авторски права: Мартин Стојановски

М51 Вртлог галаксија во Ловечки Кучиња. Авторски права: Александар Алексов

M80 кластерот во соѕвездијата Шкорпија. Авторски права: Мартин Стојановски

Областа околу Антарес во соѕвездијата Шкорпија и Змијоносец. Авторски права: Александар Алексов

Областа околу Антарес во соѕвездијата Шкорпија и Змијоносец. Авторски права: Александар Алексов

Дел од Млечен пат каде се наоѓа и центарот на истиот

Текст: Радан Митровиќ

Сподели.