Два тима научници, со помош на моќното око на вселенскиот телескоп Хабл (Hubble) на НАСА, откриваат бледи знаци за постоење на вода во атмосферите на пет далечни егзопланети. До сега е пријавено присуство на атмосферска вода на неколку планети кои орбитираат надвор од Сончевиот Систем, но ова е првото истражување во кое се добиени убедливи докази и преку кое се направени споредби во профилите и интензитетите на овие знаци на повеќе планети.
Знаците за постоење на вода на петте планети – WASP-17b, HD209458b, WASP-12b, WASP-19b и XO-1b, варираат според јачината. WASP-17b е планета со особено подуена атмосфера, додека HD209458b испушта најсилни сигнали. Отпечатоците на другите три планети исто така содржат вода.
Научниците со голема сигурност тврдат дека на секоја од овие планети е детектирана вода. Ова откритие дава нови можности за споредба на количеството вода кое го содржат атмосферите на различни типови егзопланети, на пример на жешките наспроти студените. Истражувањата биле направени преку споредување на апсорпцијата на светлина низ атмосферата на планетите, во широк опсег на инфрацрвена бранова должина каде се очекува да се отслика постоењето на вода, доколку истата е присутна. Всушност, сигналите на водата биле многу послаби од очекуваното, што се претпоставува дека е поради слојот на магла или прекривка од прав на секоја од петте планети. Оваа магливост може да ги намали сигналите на специфичен, препознатлив начин, исто како што при фотографирање во магла боите можат да изгледаат придушени.
Сите пет планети спаѓаат во класата на врели Јупитери, масивни светови кои орбитираат на многу мала оддалеченост од својата матична ѕвезда. Во почетокот, научниците биле збунети бидејќи кај сите пет била детектирана магливост, но ова истражување, заедно со други набљудувања од страна на Хабл, покажува дека постои значително голем број на системи каде сигналите на водата се минимизирани или целосно отсутни. Ова дозволува претпоставка дека магливите или облачни атмосфери всушност се честа појава кај врелите Јупитери.
Извор: NASA
Превод: Марина Димовска