Детектирање на погодност за живот на егзопланетите преку нивните магнетни полиња

0

Уметнички приказ на магнетосферата на планетата во интеракција со ѕвездениот ветер – резултатот е ударен лак, на цртежот претставен како темно син балон.

Наскоро се очекува астрономите да можат да ги набљудуваат ударните лаци помеѓу магнетните полиња на егзопланетите и текот на честичките кои доаѓаат од ѕвездите околу кои што тие орбитираат. Покажано е дека магнетните полиња играат клучна улога во поддржувањето на живот кај планетите и нивните месечини, бидејќи служат како заштитни балони кои ја одбиваат штетната радијација од Вселената и спречуваат истата целосно да ја уништи атмосферата на објектот и да стигне до неговата површина.

Планетарната магнетосфера претставува продолжено магнетно поле, а создадена е од судирот помеѓу ѕвездениот ветер и внатрешното магнетно поле на планетата. Во нашиот Сончев Систем, Јупитеровата магнетосфера се протега во должина до 50 пати поголема од самата планета, безмалку достигнувајќи до орбитата на Сатурн. Кога ветерот од високоенергетски честички од ѕвездата ќе удри во магнетосферата на планетата, тој доаѓа во интеракција со облик на лак кој истиот го пренасочува и ја собира магнетосферата. Во новото истражување, набљудувана е планетата HD 189733b, која орбитира околу својата матична ѕвезда на секои 2.2 дена. За оваа светла ѕвезда, пак, познато е дека има магнетно поле кое е 30 пати поголемо од она на нашето Сонце – ова значи дека нејзиниот ѕвезден ветер е многу поголем од сончевиот ветер. Анализите покажуваат дека интеракцијата на ѕвездениот ветер со магнетното поле на егзопланетата HD 189733b во голема мера се менува заедно со промената на активноста на ѕвездата – кога таа поминува низ региони каде ѕвездениот ветер е густ, ударниот лак ќе одбие поголемо количество светлина и полесно ќе може да се детектира. Во обратниот случај, во региони со послаб ѕвезден ветер, интеракцијата е многу послаба и длабочината на транзитот е помала.

Транзит на планетата преку ѕвездата – ударен лак како интеракција со ѕвездениот ветер и придушување на детектираната светлина

Со набљудување на оваа интеракција, научниците сметаат дека ќе можат да донесуваат заклучоци за планетарните магнетосфери и ѕвездениот ветер, а со тоа и магнетните полиња на далечните егзопланети, притоа идентификувајќи ги потенцијалните светови кои поддржуваат живот.

Превод: Марина Димовска

Извор: Universe Today

Сподели.