Откриени досега најдолгите јаглеродни синџири во античко езерско дно на Марс

0

Синџири од по десетина јаглеродни атоми се откриени во регија за која се смета дека некогаш била дно на древно езеро на Марс. Ова е ново парче од мозаикот во потрагата по можни траги од живот на црвената планета.

mm 1

Уметничка презентација на ископаната дупка во карпата на Марс.

Откритието го направи инструмент за земање примероци на роверот Curiosity на НАСА, а меѓународен тим научници, предводен од аналитичкиот хемичар Каролин Фресине од Францускиот национален центар за научни истражувања (CNRS), ги потврди резултатите во лабораторија на Земјата.

Иако е можно овие органски соединенија да се создадени преку небиолошки процеси, нивното присуство покажува дека роверот може да детектира долги органски молекули кои можеби се формирани пред милијарди години.

„Фактот дека овие кревки, линеарни молекули сè уште постојат на површината на Марс 3,7 милијарди години по нивното формирање, ни овозможува да кажеме нешто ново: ако некогаш постоел живот на Марс, во исто време кога се појавил и на Земјата, хемиските траги од тој живот би можеле и денес да бидат откриени,“ објаснува Фресине за ScienceAlert.

Главната мисија на Curiosity е да пронајде траги кои ќе откријат дали некогаш постоеле услови за живот на Марс.

mm2

Кратерот на Марс. Местото на ископаната дупка е заокружено.

Движејќи се низ седиментните карпи на кратерот Гејл, роверот наиде на разни интересни наслаги, меѓу кои и органски соединенија што содржат хлор и сулфур, како и нитрати – што укажува на можноста за постоење и на посложени молекули поврзани со живот.

Истражувачите користеле експериментална процедура со хемиски засилувач за да анализираат минерален примерок од дупка ископана во карпа од типот мувлест камен, именувана како Камберленд. За да се избегне ризикот од согорување, тие прво го отстраниле молекуларниот кислород, а потоа го загреале примерокот до околу 850°C и ја анализирале преку гасна хроматографија и масена спектрометрија.

Во добиените податоци биле идентификувани најдолгите синџири на јаглерод забележани досега на Марс – мали количества од заситени јаглеводороди како декан (C10H22), ундекан (C11H24) и додекан (C12H26).

мм3

Роверот на Марс со неговиот инструмент за анализа на материјали од површината на планетата.

Дополнително, со лабораториски експерименти научниците покажале дека овие синџири можат да се создадат и под услови слични на марсовските, од други органски соединенија, како бензоената киселина, која исто така била пронајдена во примерокот.

„Овие молекули се линеарни синџири со 10, 11 и 12 јаглеродни атоми, познати како алкани или јаглеводороди,“ вели Фресине.

„Ова е значително различно од претходните откритија, кои беа ароматични молекули – кружни прстени – со максимум шест јаглероди. Кружните прстени се постабилни од линеарните молекули.“

Иако овие соединенија можеби се создадени без учество на живи организми, постои и можност тие да се резултат на распаѓање на уште посложени биолошки молекули. Нашите тела, на пример, содржат различни карбоксилни киселини од типот што би можел да се зачува во седиментни карпи.

„Иако абиотички процеси можат да создадат вакви киселини, тие се сметаат за универзален продукт на биохемијата – и на Земјата, а можеби и на Марс,“ заклучуваат истражувачите.

Во секој случај, сега знаеме дека технологијата ни овозможува да ја „поминеме“ хемијата на Марс – барем на површината.

Сè уште сме далеку од одговорот дали некаков живот постоел или можеби опстојува под површината на Марс, каде што би можело да има остатоци од вода. Но идните мисии, инспирирани од откритија како ова, ќе бидат клучни за тоа истражување.

Додека чекаме нови мисии, никој не може да ни замери што барем накратко се прашуваме: дали овие јаглеродни синџири некогаш биле дел од живот кој настанал на друг свет?

Извор: https://www.sciencealert.com/largest-carbon-molecules-found-on-mars-build-the-case-for-ancient-life

Скопско астрономско друштво

Сподели.