Новото откритие на Хабл оддалечено 567 милиони светлосни години е навистина уникатно. Со негова помош астрономите пронајдоа галаксија опкружена со, не еден, туку девет концентрични прстени – последица на насилен судир со сина џуџеста галаксија која продрела низ нејзиниот центар.
Официјално наречена LEDA 1313424, оваа галаксија го доби соодветното име “Bullseye”. “Bullseye e во многу посебен момент во времето“, вели астрономот Питер ван Докум од Универзитетот Јеил. „Има многу тесен прозорец по ударот кога ваква галаксија би имала толку многу прстени.

Галаксијата Bullseye . Сината џуџеста галаксија што пробила низ нејзиниот центар е лево. (НАСА, ЕКА, Имад Паша/Јејл, Питер ван Докум/Јејл)
Таканаречените прстенести галаксии се исклучително ретки во Универзумот и се смета дека се резултат на многу специфичен сплет на околности. Иако просторот е главно празен, галаксиите се влечат заедно по нишките на космичката мрежа, што резултира со повеќе судири меѓу нив отколку што може да очекувате.
Судирите меѓу галаксиите можат да бидат д монгу типови. Се смета дека прстенестите галаксии – како што е оваа галаксија, се резултат на судир во кој една галаксија експлодира директно низ центарот на друга. Откритиео на оваа галаксија ја потврди оваа претпоставка.
Недалеку од поголемата галаксија е помалата, која се гледа на сликата. Набљудувањата направени со помош на Keck Cosmic Web Imager (KCWI), кој е оптимизиран за сини бранови должини, откри дека оваа помала галаксија не само што е блиску до Bullseye, на растојание од само 130.000 светлосни години, туку е поврзана.
„KCWI ни даде неверојатен поглед на оваа придружна галаксија на Bullseye“, вели астрономот Имад Паша од Универзитетот Јеил.
„Најдовме јасен отпечаток на гас кој се е присутен и кај двете галаксии, што ни овозможи да потврдиме дека оваа галаксија е всушност онаа што прелетала низ центарот и ги произвела овие прстени. „Податоците од KCWI ја идентификуваа оваа сопатна куршум галаксија. Не сме виделе друг случај кога толку јасно може да се види гасот што тече од една до друга галаксија“, додава ван Докум.
Прстените се региони со поголема густина, каде што галактичкиот материјал е турнат заедно од брановите удари. Згрутчувањето на прашината и гасот предизвикува формирање на ѕвезди, што резултира со поголема густина на ѕвездите, поради што прстените блескаат толку силно.
Најоддалечениот прстен е релативно слаб, и е забележан само на сликите од KCWI, на прилично големо растојание од главното тело на галаксијата. Целата галаксија е широка 250.000 светлосни години. Тој простор меѓу прстените е чудо, што покажува дека прстените се шират нанадвор речиси на ист начин како што е предвидено со теоријата, при што првите два прстени се шират брзо, а следните прстени се формираат подоцна.
Тоа е како да фрлиш камче во езерце. „Доколку гледаме директно надолу во галаксијата, прстените би изгледале кружно, збиени во центарот постепено оддалечувајќи се“, вели Паша.
Податоците обезбедени од оваа прекрасна галаксија ќе им помогнат на астрономите да ги приспособат своите модели и теории, за подобро да разберат како се одвиваат таквите судири. Истражувачите, исто така, се надеваат дека идните набљудувања со претстојните телескопи ќе откријат уште повеќе прстенести галаксии.
Превод: Христијан Петрески
Оригиналниот текст на следниов линк: sciencealert.com