Галактичката археологија е значајно поле во астрономијата што придонесува за откривањето на почетоците, историјата и евалуацијата на нашата галаксија па и целиот универзум. Телескопот Гаја (Gaia) моментално е една од најважните алатки во ова поле и давајќи детални и прецизни податоци за ѕвездите во нашата галаксија придонесува за големи откритија. Едно такво интересно откритие за групи на многу, многу стари ѕвезди е објавено неодамна.
Откриени две множества од ѕвезди стари скоро колку и Универзумот како пловат околу средиштето на нашата галаксија – Млечен Пат. Новите анализи базирани на податоци добиени од телескопот Гаја (Gaia) на Европската Вселенска Агенција силно сугерираат дека овие потоци од ѕвезди се многу стари и постоеле во раната фаза на нашата галаксија кога таа сè уште немала спирални раце.
Двете ѕвездени множества се откриени од астрофизичарот Khyati Malhan и астрономот Hans Walter-Rix, научници од Макс Планк институтот за астрономија во Германија. Ги нарекле Шива и Шакти по креаторите на универзумот според индиската митологија.
Од самиот свој настанок па се до денес нашата галаксија Млечен пат се има променето многу, па зачудувачки е да се откријат вакви групи на непроменети антички ѕвезди. Галактичката археологија е поле од астрономијата што се занимава со настанокот на Универзумот, неговите ѕвезди и галаксии и во нејзина срж е да бара ѕвезди кои имаат античко потекло. Работата на телескопот Гаја е од големо значење за полето на галактичката археологија. Телескопот го мапира Млечниот Пат со досега најголема прецизност и собира податоци за 3Д позициите на ѕвездите, нивната брзина и нивното вистинско движење. Исто така мери едно исклучително важно својство на ѕвездите, а тоа е нивната т.н. металност. Металноста на ѕвездите всушност зборува за тоа кои метални елементи се наоѓаат во составот на самата ѕвезда.
Повеќето од металите не постоеле во универзумот сè додека не се создале од ѕвездите и новите. Па така металност на ѕвездата може да ни каже колку е стара односно, нова некоја ѕвезда. Ако ѕвездата има повеќе метална содржина во својот состав значи дека е млада ѕвезда. Со ова знаење и со податоците добиени од телескопот Гаја, научниците можат да ги групираат ѕвездите по старост и да донесуваат заклучоци за историјата на Млечен Пат.
Во 2022 година Гаја извршила галактичка археологија во средиштето на галаксијата Млечен Пат и открила популација на многу стари и ѕвезди сиромашни со метали, каде малку подалеку од центарот се издвојувале две групи на ѕвезди со слична старост од околу 12 милијарди до 13 милијарди години – наречени Шива и Шакти. Секоја од нив има маса од околу 10 милиони Сонца, и орбитираат во иста насока со Млечниот Пат. Шива е поблиску до галактичкиот центар и има по елипсовидна орбита, додека Шакти е малку подалеку со ѕвезди со покружни орбити.
Најверојатно тие се формирале како посебни структури но подоцна се споиле со Млечниот Пат. За да се дознае повеќе за тоа како настанала се развивала нашата галаксија овие мали суптилни разлики помеѓу ѕвездите се од круцијално значење. Овозможувајќи прецизни податоци телескопот Гаја ни го дава основа за тоа знаење.
Истражувањето е издадено во The Astrophysical Journal.
Сања Павлова
Извор: sciencealert.com