Минатата година, астрономите открија галаксија со монструозни големини. На оддалеченост од некои 3 милијарди светлосни години, Алсионус е џиновска радио галаксија која се простира на 5 мегапарсеци во вселената. Тоа е должина од 16.3 милиони светлосни години со што оваа галаксија станува најголемата галактичка структура која нам ни е позната.
По ова откритие, јасно е дека постојат многу работи кои не ни се јасни во врска со овие џиновски структури и со тоа што ја поттикнува нивната големина.
Но секако, преку ова откритие можеме да научиме не само за џиновските радио галаксии, туку и за интергалактичкиот медиум во огромните вселенски празнини.
Џиновските радио галаксии се само уште една мистерија во универзумот исполнет со мистерии за решавање. Тие се состојат од галаксија домаќин што всушност претставува голема група на ѕвезди кои орбитираат околу супермасивна црна дупка, а од галактичкото јадро еруптираат силни млазови и „балончиња“.
Движејќи се низ интергалактичкиот медиум, млазовите и сферите се судираат со електроните и произведуваат силни емисии од радио-бранови.
Прилично сме сигурни што ги предизвикува млазовите, а тоа е активната супермасивна црна дупка во центарот на галаксијата. Една црна дупка е ‚активна’ кога конзумира материја од џиновскиот диск околу истата.
Сепак, дел од материјата не стигнува до хоризонтот на настани, туку на некој начин се испрскува од половите и формира млаз од јонизирана плазма кој се движи со брзини и до неколку проценти од брзината на светлината.
Материјата во млазовите патува огромно растојание пред да се рашири во џиновска сфера која емитира радио бранови.
Се работи за еден нормален процес. Дури и Млечниот пат има сфери од радио бранови. Тоа што сакаме да го разбереме е зошто кај некои галаксии сферите растат до гигантски големини, со растојанија кои се мерат во мегапарсеци. Ваквите галаксии ги викаме џиновски радио галаксии, а со проучување на најекстремните примероци, сакаме да разбереме што го предизвикува нивниот раст.
„Ако постојат карактеристики од галаксијата домаќин кои го предизвикуваат растот во џиновска радио галаксија, тогаш веројатно и другите галаксии домаќини на џиновски радио галаксии ги поседуваат овие карактеристики,“ објаснуваат истражувачите во нивниот научен труд, предводени од главниот автор Мартин Ој од Опсерваторијата Лејден во Холандија.
„Исто така, ако постојат конкретни околини од големи размери кои имаат погодни услови за растење на џиновски радио галаксии, тогаш шансите се дека најголемите џиновски радио галаксии ќе се наоѓаат во овие региони.“
Тимот од научници бараше невообичаени податоци во податоците соберени од LOw Frequency ARray (LOFAR) во Европа – мрежа од околу 20 000 радио антени на 52 локации низ Европа.
Тие ги анализираа податоците преку нови филтри со кои ги отстранија компактните радио извори што претставуваат шум кај дифузните радио меури и извршија корекција на оптичката дисторзија.
Според научниците, разултантните слики претставуваат најосетливата потрага по сфери од радио галаксии до сега. Потоа, тие ја искористија најмоќната алатка за препознавање на облици – нивните очи, со цел да дојдат до новото откритие.
На овој начин истражувачите ја открија галаксијата Алсионус.
„По проекција, ја откривме најголемата позната структура до сега, формирана од една галаксија – џиновска радио галаксија со проектирана правилна должина од 4.99 ± 0.04 мегапарсеци. Вистинската правилна должина е најмалку 5.04 ± 0.05 мегапарсеци,“ објаснуваат тие.
Откако ги измерија сферите, истражувачите го искористија истражувањето Sloan Digital Sky за да се обидат да ја разберат галаксијата-домаќин.
Тие заклучија дека се работи за прилично вообичаена елиптична галаксија, вградена во космичка мрежа со маса од 240 милијарди Сонца и со супермасивна црна дупка во средината со маса од 400 милиони Сонца.
Овие два параметри се близу до долните граници кај џиновските радио галаксии, па од таму може да дознаеме за некои индикации кои би можеле да го предизвикаат растот на радио сферите.
„Освен чудната геометрија, Алсионус е релативно вообичаена галаксија. Вкупната нискофреквентна густина на осветленост, ѕвездената маса и супермасивната црна дупка се помали, но слични со другите џиновски радио галаксии,“ пишуваат истражувачите.
Тоа значи дека масивните галаксии или централните црни дупки не мора да пораснат во големи џинови. Ако ја набљудуваме состојбата на изворот низ својот животен циклус, ова важи и за високата радио моќност.
Можеби Алсионус се наоѓа во регион од вселената со помала густина од просечната, што може да го поттикне проширувањето, или пак космичката мрежа можеби има улога во растот на структурата.
Која и да е причината, научниците веруваат дека Алсионус се уште расте во далечниот и темен универзум.
Извор: sciencealert.com