Чуден и брз облак од жежок гас кружи околу Сагитариус A* со неверојатна брзина

0

Во чудната гравитациска околина во срцето на нашата галаксија, астрономите најдоа гасовита маса која кружи околу нашата супермасивна црна дупка со огромна брзина.

Преку неговите карактеристики астрономите можат да научат за просторот околу Сагитариус A* кога е во прашање потрагата по одговори на прашањето: Зошто галактичкиот центар трепка низ целиот електромагнетен спектар?

sag A

Илустрација на локацијата и орбиталното движење на жешката маса. Заслуги: EHT Collaboration, ESO/M. Kornmesser; acknowledgment: M. Wielgus

Нивните заклучоци предлагаат дека црната дупка е опкружена со диск од материја кој кружи во насока на стрелките од часовникот под дејство на силно магнетно влијание.

А истовремено се потврдува и нешто што веќе го знаеме – просторот околу црната дупка е чуден.

„Сметаме дека околу Сагитариус A* ита едно жешко меурче од гас на орбита со приближна големина како орбитата на планетата Меркур, но едно цело кружење трае само 70 минути,“ вели астрофизичарот Мејсик Вилгас од Институтот за Радио Астрономија Макс Планк во Германија.

„Можеме да заклучиме дека се работи за неверојатна брзина од дури 30% од брзината на светлината.“

Во почетокот на оваа година Сагитариус A* стана од посебен интерес за астрономите кога Телескопот Хоризонт на Настани ја наслика оваа црна дупка.

Телескопите ширум светот синхронизирано и внимателно го набљудуваа галактичкиот центар, а потоа со комбинирање на податоците, се откри прстен во форма на ‚крофна‘ составен од материја која кружи околу Сагитариус A*. Материјата е загреана на неверојатно висока температура.

Еден од телескопите кои беа дел од истражувањето е Големата Милиметарска/субмилиметарска Група во Атакама (анг. Atacama Large Millimeter/submillimeter Array – ALMA). Се работи за телескоп во пустината Атакама во Чиле, кој набљудува радиобранови.

Вилгас и неговите колеги забележале нешто интересно кога ги изолирале податоците на ALMA од другите податоци.

Од податоците може да се забележи дека во април во 2017 година, галактичкиот центар исфрлил блесок од X-зраци. Се работи за огромна среќа што блесокот настанал додека астрономите собирале податоци за Телескопот Хоризонт на Настани.

Од претходни набљудувања, ваквите долги блесоци, иако во други бранови должини, се асоцираат со купчиња жежок гас кои орбитираат со огромни брзини на многу мало растојание од некоја црна дупка.

„Она што е ново и интересно е дека ваквите блесоци до сега беа присутни во X-зраците и инфрацрвените набљудувања на Сагитариус A*,“ објаснува Вилгас. „Сега за прв пат гледаме силен показател дека жешката материја во орбита е исто така присутна и во радиобрановите набљудувања.“

Се смета дека овие блесоци се резултат на интеракцијата помеѓу жешкиот гас и магнетното поле, а оваа анализа ја потврдува ваквата претпоставка.

Жешката маса емитира силно поларизирана светлина и има потпис на синхротронско забрзување. Двата феномени се јавуваат во присуство на магнетно поле.

Зрачењето на радио бранови може да е резултат на постепеното ладење на жешката материја после блесокот, која станува видлива на подолги бранови должини.

„Најдовме силни докази за магнетно потекло на овие блесоци и нашите набљудувања ни навестуваат за геометријата на процесот,“ вели Моника Мошиброцка од Универзитетот Радбауд во Холандија.

„Новите податоци нудат екстремна помош при градењето на теоретска интерпретација на овие настани.“

Анализата на светлината спроведена од тимот на научници предлага дека жешкото меурче е магнетно заробено во дискот околу црната дупка. Се работи за диск од материја која кружи околу црната дупка и од која се храни црната дупка, но со брзина која е одредена од магнетното поле.

Преку моделирање на интегрираните податоци, тимот од астрономи успеа да дојде до цврсти ограничувања на обликот и движењето на ова магнетно поле, а со тоа и формирањето и еволуцијата на жешкото меурче.

Сепак, постојат многу работи кои не ни се јасни. Набљудувањето на црни дупки е многу тешко. Дополнително, постојат и некои чудни неусогласености при споредба со инфрацрвените набљудувања на други блесоци.

Тимот се надева дека истовремените инфрацрвени и радиобранови набљудувања од идните жешки меури ќе ги разрешат овие неусогласености.

„Надежно, еден ден, со сигурност ќе кажеме дека ‚знаеме‘ што се случува во Сагитариус A*,“ вели Вилгас.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.