За настанокот на Месечината

Многу, многу, многу одамна во “пеколните” години на Сончевиот систем, кога владеел хаосот, Земјата е осамена во мрачна вселена полна со немирни астероиди и остатоци од некогашни небесни тела. Во тоа време, наречено ерата на Ад (Hadean era) според богот на подземјето во грчката митологија, една млада ѕвезда со име Теја заталкала кон, за нас тогаш отуѓената, страшно црвена Земја.

mesec 2

mesec 1

Уметнички репрезентации на планетата Земја во ерата на Ад.

 

Името Теја исто така е позајмено од грчката митологија. Таа е Титанка, голема колку Марс, мајка на нашата месечина. Како што непознатата планета Теја се приближувала до Земјата, привлечната сила помеѓу двете тела се повеќе се зголемувала. Не можејќи да се спротивстават на невидливата сила која ги влече една кон друга доаѓа до Големото Распрскување (the Big Splash). Теја се спојува со Земјата, а од материјата испуштена во орбитата се раѓа ново и младо небесно тело, нашиот единствен природен сателит, Месечината.

mesec 3

Уметничка репрезентација на раѓањето на Месечината.

Приказнава за Теја и Земјата е компјутерско моделирање за настанокот на Земјиниот сателит, настан познат како “The Big Splash” или “Giant Impact Theory”. Пред 4.3 милијарди години од денес, односно околу 200 милиони години по формирањето на Земјата, протопланета со големина на Марс удрила во Земјата, што резултирало во спојување на поголем дел од протопланетата во Земјата (трансформирање на двете тела во огромна магма од стопени карпи) и распрскување на голема количина на материја од протпланетата и надворешните региони на Земјата, во орбитата. Околу половина од распрсканата материја, имитирајќи го процесот на создавање на планета во многу помали размери, се собрала во ново небесно тело – Месечината.

Зачетоците на оваа теорија потекнуваат при крајот на 19-тиот век. Во 1898 год. астрономот Џорџ Дарвин (син на познатиот биолог Чарлс Дарвин) ја презентирал теоријата дека Месечината настанала од исфрлена материја од Земјата. Со брзото ротирање Земјата исфрлила стопена карпеста материја во вселената која се споила во едно небесно тело во Земјината орбита. Тој исто така предложил дека некогаш Месечината била многу поблиску до Земјата, но оттогаш постојано се оддалечува. Денес со помош на прецизни мерења оваа претпоставка научно е докажана. Секоја година месечина се оддалечува од Земјата за околу 3.5 цм. Како дете што со раснењето се одделува од својот родител.

mesec 4

Уметнички приказ од времето кога Месечината била многу поблиску од Земјата.

Друга позната теорија за настанокот на Месечината била дека се создала некаде на друго место во Сончевиот систем и паднала под контрола на Земјината гравитација. Меѓутоа оваа теорија со времето била отфрлена заради големината на Месечината во однос на Земјата.

Во 1946 година, канадскиот геолог Рагиналд Дали (Reginald Daly), презентирал трета идеја инспирирана од идејата на Дарвин дека Месечината и Земјата биле формирани од иста материја, вклучувајќи трето тело како водечка сила за расфрлување на Земјината материја наспроти брзото ротирање споменато од Дарвин.

Оваа идеја била запоставена од научниот свет се до 1970 годината кога анализата на карпите донесени од Месечината покажала дека минералниот статус е доста близок со оној на Земјината обвивка (делот помеѓу кората и јадрото). И двете тела се богати со силикати, а имаат мало количество на метали.

Хипотезата за џиновскиот удар или уште наречена големото распрскување, односно големиот судир денес е најдобро прифатена хипотеза за настанокот на нашиот сателит- Месечината.

Фактот дека Земјината ротација и орбитата на Месечината имаат слични ориентации или тоа што Месечината има мало железно јадро, а Земјата има релативно големо јадро одат во прилог на оваа хипотеза. Соодносот на стабилни изотопи на копнените карпи на Земјата и Месечината се идентични што укажува на исто потекло. Вакви судири на две тела со исфрлање на материја надвор во орбитата веќе постојат во универзумот така што ова не е изолирана случка.

mesec 5

Теорија за настанокот на месечината

Со создавањето на својот постојан придружник, Земјата полека почнала да го менува своето лице. Се создале годишните времиња, поволната клима за живот, плимата и осеката. Животот на Земјата “се вртел” околу месечината. Старите народи ги создале првите календари како мерачи на времето. Врската меѓу човекот и месечината е безвременска и сеприсутна. Таа е извор на восхит, страв, почит и муза на уметничко создавање. Водилка за развојот на науката и човештвото. Човекот денес би изгледал многу различно ако ја немаше Месечината.

mesec 6

Месечината

Автор: Сања Павлова Ристоска

Извор: “The Moon: A Celebration of Our Celestial Neighbour”, by the Royal Observatory’

science.org

Сподели.