Од ова неверојатно набљудување се гледа дека околу Млечниот пат има мистериозни структури

0

На една нова слика од срцето на галаксијата Млечен Пат може да се забележат мистериозни структури кои ги гледаме за прв пат.

гал 1

Набљудувањето на центарот на Млечниот Пат направено од MeerKAT. Заслуги: I. Heywood/SARAO

Сликани со радиот телескопот MeerKAT во Јужна Африка, на сликите се прикажани речиси илјада издолжени магнетни структури со должини и до 150 светлосни години, а дополнително изненадувачки е тоа што се правилно распоредени.

Овој број на издолжени магнетни структури е 10 пати поголем од што мислевме пред ова набљудување. Ваквата голема количина на статистички податоци може конечно да ни помогне да ја разбереме нивната природа – нерешената загатка уште од самото нивно откривање во осумдесеттите години.

„Ги проучуваме индивидуалните магнетни структури веќе долго време со заматен поглед,“ вели астрофизичарот Фаред Јусуф-Заде од Севернозападниот Универзитет кој всушност ги откри мистериозните издолжени структури.

„Сега конечно ја гледаме целосната слика – панорамски поглед исполнет со изобилство на издолжени структури. Преку испитувањето на само неколку структури е тешко да се дојде до некој вистински заклучок околу тоа што претставуваат истите и од каде доаѓаат. Ова е пресвртна точка во продлабочувањето на нашите разбирања за овие структури.“

Иако се работи за должина од само 25 илјади светлосни години (во космичките размери ова не е толку далеку), тешко е да се набљудува центарот на галаксијата Млечен Пат. Обиколен е со густи облаци од прашина и гас кои блокираат значителен опсег на бранови должини од светлината, вклучувајќи сите бранови должини кои ги гледа човековото око. Сепак, ние можеме да ја искористиме технологијата и со неа да набљудуваме невидливи бранови должини за човечкото око.

Радио телескопот MeerKAT, управуван од Јужноафриканската Опсерваторија за Радио Астрономија (англ. South African Radio Astronomy Observatory – SARAO), е еден од најсовремените радио телескопи во светот. Уште од самото отворање во 2016 година, телескопот цело време не воодушевува со извонредни глетки од галактичкото јадро.

Една особено интересна слика ни доаѓа од неговите последни набљудувања. Конструирана е од податоци од набљудувања со вкупно времетраење од 200 часа, а соберени се во период од три години. На сликата се гледа самата област во радио бранови должини со извонредна јасност и длабочина на сликата.

гал 2

Спектрален индекс на структурите околу центарот на галаксијата. Заслуги: Northwestern University/SARAO/Oxford University

Јусуф-Заде и неговиот тим искористија техника преку која се отстранува позадината од сликата, на која остануваат само магнетните структури распространети во јата околу центарот на галаксијата.

Сѐ уште не е јасно што претставуваат структурите и како настанале. Знаеме само дека тие се состојат од електрони од космички зраци кои се вртат низ издолжени магнетни полиња со брзини блиски до брзината на светлината.

Преку новите слики, истражувачите научија нешто повеќе за издолжените структури и се чекор поблизу до нивното разбирање.

„Доколку доаѓате од друга планета и сретнете еден многу висок човек, веројатно ќе претпоставите дека сите луѓе се високи. Но доколку изведете статистички пресметки низ целата популација на луѓе, тогаш ќе ја дознаете просечната висина,“ објаснува Јусуф-Заде.

„Токму ова е тоа што го правиме ние. На овој начин можеме да ја дознаеме силата на магнетните полиња, нивните должини, нивните насоки и спектарот на зрачење.“

Сега разбравме дека магнетните полиња се засилени низ целата должина на овие структури. Од новите податоци дознавме и за остатоци од една до сега непозната супернова. Таа се карактеризира со различен радијациски потпис од магнетните структури. Ова значи дека најверојатно суперновата не ги предизвикала магнетните структури.

гал 3

Остатоци од сферична супернова откриени од тимот кој управува со MeerKAT. Заслуги: I. Heywood/SARAO

Во 2019 година, преку постари податоци од MeerKAT дознавме за постоењето на џиновски радио „меурчиња“ над и под галактичката рамнина, различни од оние гама „меурчињата“ на Ферми откриени во 2010 година. Не се исклучува можноста дека постои некаква поврзаност помеѓу издолжените магнетни структури и ново-откриените радио меурчиња, но за да знаеме со сигурност, ова би било предмет на некое друго истражување во иднина.

Дополнително, новите податоци предизвикаа и нова мистерија. Според истражувачите, магнетните структури се распределени во групи наречени кластери и во кластерите тие се рамномерно оддалечени – како жици од музичкиот инструмент харфа.

„Како да потсетуваат на правилната оддалеченост кај сончевите јамки,“ вели Јусуф-Заде. „Сѐ уште не знаеме како се групирани во кластери и како се одвоиле, а не знаеме и што предизвикало да бидат правилно оддалечени. Секогаш кога ќе одговориме на едно прашање, се поставуваат уште неколку нови прашања.“

Исто така не знаеме за каков механизам станува збор кој ги движи електроните во магнетните структури. Постои можност ново-откриените магнетни структури да се поврзани со една чудна издолжена магнетна структура што ја откривме минатата година и која испушта радиобранови и X-зраци.

Следниот чекор ќе биде проучувањето на секоја структура посебно, со цел да се одредат нејзините својства и да се направи сеопфатен каталог од детални статистички анализи.

„Во секој случај, ние сме еден чекор поблизу до подлабоко изучување,“ вели Јусуф-Заде. „Науката претставува серија од напредоци на различни нивоа. Се надеваме дека темелно ќе ја откриеме оваа мистерија, но потребни се повеќе набљудувања и теоретски анализи. За потполно разбирање на комплексните објекти е потребно време.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.