Големиот филтер: можно решение за Парадоксот на Ферми

0

Постојат многу сериозни предизвици за да станеме меѓуѕвездени суштества и еден од нив можеби е најтешкиот.

gf1

Теоријата на Големиот филтер предлага дека сите живи суштества мора да надминат одредени предизвици, а барем еден е речиси невозможен да се совлада. Заслуги: Pixabay

Во 1950 година, физичарот и добитник на Нобелова награда Енрико Ферми ги запрашал своите колеги: „Каде се вонземјанските суштества?“ Земајќи го во предвид незамисливо огромниот број на ѕвезди и планети во универзумот, на Ферми му било очигледно дека би требало да постојат интелигентни цивилизации со развиена радио астрономија и меѓуѕвездено патување помеѓу далечните ѕвезди. Сепак, во тоа време, па дури ниту сега, не постоеле докази за постоењето на такви цивилизации.

Парадоксот на Ферми е термин кој се користи за да се опише непостоењето на докази за вонземски живот, кој би требало постојано да го гледаме кога ќе се земе во предвид големината на универзумот. До денеска, немаме видено никакви знаци од вонземјанска технологија, па дури ниту нашите радио телескопи немаат детектирано звуци од други светови.

Многу хипотези се предложени за да го објаснат Парадоксот на Ферми, но никоја од нив не е докажана. Во 1990-тите години, се појавува едно можно објаснување за нашата осаменост во универзумот предложено од Робин Хенсон и познато под името Големиот Филтер.

Пречките до меѓуѕвездениот живот

Едноставно кажано, Големиот Филтер ни кажува дека интелигентните меѓу ѕвездени живи суштества мора да преземат клучни чекори од кои барем еден е со многу мала веројатност за исполнување. Односно, според Големиот Филтер, постои барем една пречка која е толку тешка што ниту едни живи суштества ја немаат поминато за да станат меѓу ѕвездени видови. Но иако во Големиот Филтер се спомнува свесна акција од некаков вид на суштества кои ја имаат таа способност, всушност, хипотезата е повеќе начин за објаснување на релативната подобност да се случат или да не се случат некои настани низ нивниот природен тек.

Кои би биле некои од основните пречки кои треба да се совладаат за да станеме напредна и вселенска цивилизација? Хенсон прелага неколку:

– Потребна е планета која има услови за живот и е формирана во областа околу ѕвезда која може да ги обезбеди овие услови

– Мора да се развие живот на таа планета

– Живите форми мора да можат да се размножуваат и да користат молекули како ДНК и РНК

– Простите клетки (прокариоти) мора да се развијат во сложени клетки (еукариоти)

– Повеќеклеточни организми мора да се развијат

– Половото размножување ја зголемува генетската разновидност

– Развиените организми мора да бидат способни да користат алатки

– Овие организми мора да создадат напредна технологија потребна за колонизација на вселената (Моментално, луѓето се соочуваат со оваа пречка)

– Вселенските суштества мора да населат и колонизираат други светови и планетарни системи, а истовремено да внимаваат да не се уништат себе си.

Иако луѓето сѐ уште не се способни за меѓу ѕвездени патувања (со исклучок на неколку роботизирани сонди како вселенските летала Пионир, Војаџер и Нови Хоризонти), сепак ние имаме напредна радио-астрономија, а тоа значи дека сме колку-толку технолошки напредна цивилизација. Но дури и да е потребен истиот екстремно голем временски интервал за вонземјанските цивилизации да ги достигнат технолошките напредоци кои ги има постигнато човештвото, земајќи ја во предвид староста на универзумот, би требало да постојат барем неколку интерпланетарни видови кои веќе ја колонизирале целата нивна галаксија.

И покрај тоа, астрономите до сега немаат детектирано докази за таква цивилизација. Кога ги набљудуваме ѕвездите, можеме да забележиме само тишина.

Најголемите предизвици за станување галактичка цивилизација

gf2

Тешко е да се идентификува Големиот Филтер, бидејќи, меѓу другото, другите светови имаат сосема различни околини од Земјата. На овој уметнички приказ е прикажан еден од можните пејсажи на планета во системот Trappist-1. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Па што поточно би можело да биде Големиот Филтер?

Можеби абиогенезата (процес на создавање живот од нежива материја) е екстремно невообичаена. Можеби токму оваа реткост е Големиот Филтер. Можеби настанувањето на живот е често, но поголемиот дел од живите суштества никогаш не се развиваат во форма посложена од едноклеточни организми. Можеби универзумот изобилува со бактерии, но бактериите не градат вселенски бродови.

Од друга страна, Големиот филтер може да е резултат на напредната технологија. Напредните цивилизации можат да се уништат самите себеси со некаква опасна технологија како злонамерна вештачка интелигенција, нанотехнологија или машина за уништување светови. Човештвото веќе е способно да се уништи себе си преку глобална термо нуклеарна војна. За жал, можно е таквите настани да бидат речиси неизбежни во универзумот.

Дополнително, Големиот Филтер може да биде нешто што воопшто не зависи од самиот жив свет, без разлика колку и да е развиен. На пример, судир со голем астероид или друга планета, ненадејно зрачење на гама зраци во близина или супернова во близина. Сите вакви настани можат да уништат планети, вклучувајќи ја и Земјата. Ние воопшто и не знаеме за никаква технологија која може да ги спречи овие настани, па дури и да знаеме дека ќе се случат.

Уште повеќе, сосема е логично да претпоставиме дека Големиот Филтер не се состои само од еден предизвик, туку од повеќе сериозно тешки пречки. Со ова експоненцијално се намалува веројатноста на цивилизациите да достигнат одредено ниво на напредна технологија потребна за меѓу ѕвездени патувања.

Дали човештвото го има поминато Големиот Филтер?

Ако Големиот филтер е зад нас, тогаш универзумот можеби е наш за колонизирање. Но ако Големиот Филтер допрва не очекува, можеби ни се одбројани деновите.

Некои луѓе веруваат дека привидната осаменост во универзумот е добар знак, па дури и благослов, дека успешно сме поминале низ Големиот Филтер. Колку и да звучи чудно, можеби ние сме првите видови кои имаат преминато преку Големиот Филтер. На крајот од денот, некој мора да биде прв.

Ако детектираме сигнал од некоја екстремно напредна технолошка цивилизација, тоа ќе не направи да гледаме врз самите себе како примитивни. Тогаш можеме да претпоставиме дека Големиот Филтер можеби се наоѓа пред нас. Човештвото можеби е на пат кон изненаден космички тест за кој не знаеме што да учиме.

Големиот Филтер е само теорија, но е примамлива идеја во многу погледи и нуди можно објаснување за Парадоксот на Ферми. Иако не нуди одговор на прашањето „Каде се вонземските суштества?“, Големиот Филтер е една од најдобрите претпоставки за кои можеме да сонуваме. За жал тоа не ни кажува дали сме го преминале Големиот Филтер.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: astronomy.com

Сподели.