Помина повеќе од една деценија откако го прочитав феноменалнот роман „Црвениот Марс“ од Ким Стенли Робинсон, но добро се сеќавам на еден конкретен став. Еден човек штотуку стапна на Марс и забележа како хоризонтот изгледа затворен, затоа беше очигледно дека стојат на помала планета. Тоа ме натера да се запрашам … дали навистина би можеле да го забележиме тоа?
Отсекогаш сакав да го гледам хоризонтот. Особено кога бев крај брегот за време на оние прекрасно чисти денови кога можете да видите до работ на небото. Но, колку далеку е хоризонтот? Всушност, многу е лесно да се пресмета.
Прилично едноставно, малку тригонометрија, и излегува дека оваа равенка е се што ви треба. Тука, d е растојанието до хоризонтот, h е вашата висина од земјата, а R е радиусот на која и да е планета на која стоите. Се разбира, ова претпоставува дека нема ридови или други предмети помеѓу вас и хоризонтот, така што формулава е точна само на огромни рамни пространства. Значи, под претпоставка дека твоите очи се околу 170 cm над земјата (просечно за човечко суштество), а радиусот на Земјата е 6378,1 километри, тоа значи дека хоризонтот што го гледаш е 4,66 километри оддалечен. Можеби малку поблиску отколку што препоствувате.
Марс, од друга страна, е навистина многу помала планета. Радиусот на Марс е само 3397 километри, што значи дека од иста висина, хоризонтот на Марс би се појавил на 3,40 километри оддалеченост.
Месечината е уште помала со радиус од само 1737,4 километри, што значи на Месечината, хоризонтот е оддалечен само 2,43 километри. Погледнете ги одблизу оние фотографии на Аполо од површината на Месечината. Тоа всушност може да го видите. Ако стоите на Месечината, навистина ќе забележите дека е многу помала од Земјата!
Превод: Христијан Петрески
Извор: supernovacondensate.net