Еве како можеме да најдеме црвоточина, да постоеја

0

Прекрасно да се помисли – тунел кој поврзува две области на времепросторот, еден вид на космички скратен пат. Ваквите црвоточини најчесто се припишуваат на одделот научна фантастика, бидејќи ако една од нив настане во нашиот универзум, физиката вели дека би била нестабилна и веднаш би се срушила.

Но, претпоставувајќи дека можат да постојат и навистина постојат, како би почнале да ги бараме? Според ново истражување, се што е потребно е црна дупка, ѕвезди кои орбитираат околу неа, и опрема за предвидување и мерење на таквите орбити.

crvotocina

StudioM1/iStock

Се мисли дека црвоточините функционираат како дупка во времепросторот – ако сте ја прочитале Брчка во времето на Маделин Л’Енгл ќе ви биде позната аналогијата. Замислете мравка која оди преку парче платно, од една точка до друга. Ако платното е рамно, мравката мора да ја пропатува максималната далечина. Но ако го здиплите платното така што двете точки речиси да се допираат, се што мравката треба да направи е да скокне од едниот дел на другиот.

Сега замислете дека платното е времепросторот, а дупче или тунел во просторот меѓу двете точки е црвоточината. Физичарите Алберт Ајнштајн и Нејтан Розен објавија влијателен труд за овој концепт во 1935, па истиот е познат и како Ајнштајн-Розенов мост.

Според новото истражување од страна на научници при универзитетот во Бафало и универзитетот Јангџоу, можно е да постои многу едноставен начин да се забележат ваквите црвоточини. Тие велат дека бидејќи тунелот носи две области од времепросторот поблиску една до друга, масивни објекти – како ѕвезди, на пример – на далечниот крај на црвоточината би имале гравитационо влијание на движењето на објектите до крајот поблиску до нас.

Едно од нештата кое би било потребно за хипотетичкото создавање на црвоточина е гравитационо екстремна околина, како просторот околу црна дупка (или дури и во хоризонтот на настани на црната дупка)

Затоа, за да се види овој ефект потребни се црна дупка и ѕвезди кои орбитираат околу неа.

Во Млечниот пат имаме токму таква област – галактичкиот центар. Супермасивната црна дупка таму, Сагитариус (Стрелец) А*, има куп ѕвезди кои орбитираат околу неа, што излегува дека е многу корисно за нешта како тестирање на релативитетот.

Ако има црвоточина во областа, би требало да можеме да ја забележиме врз основа на движењето на тие ѕвезди.

„Ако имате две ѕвезди, по една на двете страни на црвоточината, ѕвездата на нашата страна би требало да го почувствува гравитационото влијание на ѕвездата на другата страна. Гравитациониот флукс ќе помине низ црвоточината,“ вели космологот Дејан Стојковиќ од универзитетот на Бафало.

„Ако ја мапирате очекуваната орбита на ѕвезда околу Сагитариус А*, би требало да видите застрани од таа орбита ако таму има црвоточина со ѕвезда на другата страна.

Не би било лесно. Сагитариус А* има маса 4 милиони пати поголема од таа на Сонцето – без поречје преовладувачката гравитациона сила во регионот. Одделувањето на ефектот на една или дури и неколку ѕвезди би било макотрпна работа.

А ако црвоточината е во самата внатрешност на хоризонтот на настани на црната дупка, како што предвидуваат некои теоретски физичари, ништо не би било сигурно – гравитационото влијание на ѕвездата кое би дошло низ црвоточината би било неодгатливо од гравитационите влијанија на самата црна дупка.

Но имаме податоци кои астрономите можат да ги употребат за да го тестираат ова. Тестовите на релативност кои ги спомнавме претходно биле засновани на ѕвезда наречена Ѕ0-2, или Ѕ2. Два одделни тима ја набљудуваа Ѕ2 повеќе од 25 години. А нашите инструменти стануваат пософистицирани и попрецизни – што значи дека прецизноста потребна да се забележи гореспоменатата појава не е недостижна. Дури и да забележевме пореметување во орбитата на ѕвездата, тоа не би било заклучно. Би биле потребни дополнителни докази. Но ако сакаме да најдеме црвоточини ќе треба да почнеме од некаде, а ова ново истражување ни ја дава таа почетна точка.

Сепак, дури и да постоеја, неверојатно е црвоточините да не снабдат со убав начин на патување.

„Дури и да може да се помине низ црвоточина, тоа најверојатно нема да бидат луѓе или вселенски бродови,“ вели Стојковиќ.

„Реално, би ни бил потребен извор на негативна енергија кој би ја држел црвоточината отворена, а ние не знаеме како да го оствариме тоа. За да се создаде огромна, но и стабилна црвоточина, потребна е малку магија.“

Па. Некои волшебници таму некаде?

Превод: Јоаким Јаковлески

sciencealert.com

Сподели.