Долгогодишната мистерија за Јужниот Пол на Марс можеби конечно е разрешена

0

Научниците решија да ја откријат мистеријата која е неразјаснета со децении, односно потеклото на големата, слоевита област од замрзнат јаглероден диоксид и вода на јужниот пол на Марс и поврзаноста со нивото на застапеност на јаглероден диоксид во Марсовската атмосфера.

mars kapa

Заслуги: NASA/JPL/Malin Space Science Systems

Една од водечките хипотези е дека овие слоеви се насобираат еден врз друг како последица од Марсовската оска на ротација, која се наклонува кон и од Сонцето. Уште повеќе, симулациите од новите истражувања ја потврдуваат оваа идеја.

Ледената капа е длабока околу еден километар и се претпоставува дека содржи онолку јаглероден диоксид колку што моментално има во целата Марсовска атмосфера. Ваквите невообичаени слоеви настанале како резултат на комбинација од фактори.

„Вообичаено, кога изведувате симулации, не очекувате резултатите толку многу да одговараат со оние што ги набљудувате,“ вели Питер Булер, планетарен научник во Лабораторијата за Млазен Погон на НАСА.

„Но дебелината на слоевите, добиена од симулациите, совршено се совпаѓа со радарските мерења од сателитите во орбитата на Марс.“

Тоа што ја прави ледената капа на јужниот пол толку чудна е тоа што истата воопшто не треба да биде таму. Замрзнатата вода е термички постабилна и потемна од замрзнатиот јаглероден диоксид, па затоа научниците очекуваат замрзнатиот јаглероден диоксид да го дестабилизира заробениот мраз под него.

Според новиот модел, постојат три фактори кои поради кои ова е возможно: променливиот агол под кој удираат сончевите зраци на површината на Марс, кој се јавува поради орбитирањето околу Сонцето, различното рефлектирање на сончевата светлина од двата различни видови на мраз и промената на атмосферскиот притисок која настанува кога замрзнатиот јаглероден диоксид сублимира.

Промената во аголот помеѓу рамнината во која орбитира Марс околу Сонцето и оската околу која орбитира Марс, резултирало со формирање на мраз од јаглероден диоксид во одредени периоди, додека во други периоди довело до тоа замрзнатиот јаглероден диоксид да сублимира (преминување од цврста агрегатна состојба во гасовита агрегатна состојба).

За време на формирањето на мразот, замрзнатата вода би била заробена заедно со јаглеродниот диоксид. Како што течел процесот на сублимирање, постабилниот мраз останал и ги формирал слоевите кои сега се наоѓаат на јужниот пол на Марс.

Како што минувало времето, промената во климата на Црвената Планета не му овозможила на јаглеродниот диоксид целосно да сублимира секој пат, со што се натрупале повеќе слоеви од замрзнат јаглероден диоксид и воден мраз. Моделот покажува дека постои промена во атмосферскиот притисок кој се движи во граници од една четвртина до два пати од денешниот атмосферски притисок, како што и предвиделе Лејтон и Мјури во 1960-тите.

Научниците предвидуваат дека ова се одвива веќе некои 510 000 години, односно уште од последниот период на екстремна сончева светлина, кога целиот јаглероден диоксид сублимирал во Марсовска атмосфера.

Со проучувањето на приказната за Марсовската ледена капа на јужниот пол, надежно научниците ќе можат да научат и нешто повеќе за историја на Црвената Планета, која достигнува неколку билиони години.

„Проучувањето на промените во атмосферскиот притисокот низ историјата на Марс е од огромна важност за да ја разбереме еволуцијата на Марсовската клима, која ја повлекува и стабилноста на течната вода на површината на Марс во минатото, а со самото тоа и можноста за населеност,“ вели Булер.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.