Дали астероидот Апофис ќе ја удри Земјата?

0

Што е Апофис?

Апофис е астероид во близина на Земјата чија орбита го носи на поблизу од 1,3 пати од растојанието помеѓу Сонцето и Земјата. Неговото целосно име е Apophis 99942. По самото откривање на астероидот во 2004 година, се претпоставуваше веројатност од 2,7% за судир со Земјата во 2029 година, поради што медиумите го свртеа вниманието кон астероидот. Во одреден момент постоеја и мали шанси за судир со Земјата во 2036 година. По извршените бројни набљудувања, се покажува дека Апофис нема да се судри со Земјата ниту во 2029 година, ниту во 2036 година.

апофис 1

Уметнички приказ на aстероидот Апофис, креиран од Планетарното Друштво, базирајќи се на научниот труд Pravec et. al (2014) и моделите за обликот достапни на 3d-asteroids.space. Радарските набљудувања проценуваат дека Апофис е околу 450 метри широк и 170 метри висок. Заслуги: The Planetary Society

Во секој случај, во 2029 година Апофис ќе се приближи до Земјата поблизу дури и од комуникациските сателити, што веројатно ќе предизвика огромен интерес кај јавноста. Планетарното Друштво излезе со препораки пред научната заедница во САД со кои се идентификуваат научни и истражувачки можности. Дополнително, овие препораки се презентирани на разни работилници и конференции.

Што значи Апофис

Во Египетската митологија, Апофис бил огромна змија и истовремено непријател на богот Ра – богот на Сонцето. Секоја вечер, Апофис го затемнувал светот се додека Ра не го победи секое утро.

Кој го откри Апофис?

Користејќи ја Националната Опсерваторија на Врвот Кит во Аризона, Рој Такер Давид Толен и Фабрицио Бернарди го открија Апофис на 19ти Јуни во 2004 година. Во 2002 година, Такер доби грант од Програмата Shoemaker за Објекти Блиски до Земјата, која ги финансира аматерските астрономи кои бараат, следат и карактеризираат објекти во близина на Земјата.

апофис 2

Апофис во Њу Јорк. Астероидот може лесно да го собере во Батеријата – парк на врвот од Менхатен во градот Њу Јорк. Преку уметнички приказ, на оваа слика е илустрирана големината на Апофис во споредба со градот Њу Јорк. Заслуги: The Planetary Society

Колку е голем Апофис?

Како и повеќето астероиди, Апофис е премногу мал за да му ги откриеме формата и големината од Земјата. Радарските набљудувања предлагаат должина од 450 метри на најдолгата оска на Апофис. Тоа е околу 5 игралишта за американски фудбал и истовремено е повисоко од Емпаер Стејт Билдинг во Њу Јорк. Должината на најкратката оска на Апофис изнесува приближно 170 метри. Најверојатно се работи за астероид во форма на јајце или пак за астероид во форма на два споени објекти како Арокот – малиот свет покрај кој прелета вселенското летало Нови Хоризонти предводено од НАСА во 2019 година.

Дали Апофис ќе ја удри Земјата?

Сигурно не во блиска иднина. Јасно е дека Апофис ќе ја промаши Земјата во 2029 година и во 2036 година. Најголемата веројатност за судир со Земјата е за 2068 година која изнесува само 1 во 150 000. Уште повеќе, се очекува оваа веројатност да се намали до нула кога астрономите прецизно ќе ја одредат орбитата на астероидот преку идните набљудувања.

апофис 3

Астероид над Челјабинск. На овој уметнички приказ е илустриран 18 метарски астероид кој експлодира над Рускиот град Челјабинск во 2013 година. Како резултат на настанот, оштетени се згради, а повредени се над сто луѓе. Заслуги: Don Davis

Зошто веројатноста за судир со Апофис беше релативно висока пред да изнесува нула?

Веднаш по самото откривање, следеа дополнителни набљудувања на Апофис кои ја прецизираа траекторијата на астероидот. Во некои од траекториите од множеството на можни траектории, ја сечеа орбитата на Земјата. Набљудувањата на астероидот продолжија, а со тоа се овозможи и да се прецизира патеката околу Сонцето, но и да се исклучи можноста за судир со Земјата.

Што ќе се случи ако Апофис удри во Земјата?

Апофис ќе предизвика апсолутно уништување во радиус од неколку стотици километри од местото на удирање. Енергијата што ќе се ослободи при ударот ќе изнесува над 1 000 мегатони TNT, односно десет до стотина пати повеќе од нуклеарните оружја.

Колку голем бил астероидот што ги убил диносаурусите?

Астероидот кој го предизвикал масовното уништување на диносаурусите, како и 70% од сите живи суштества на Земјата бил 10 до 15 километри широк. Бил многу поголем од Апофис. Сепак, милиони луѓе можат да ги изгубат своите животи доколку астероид со големина на Апофис удри во некоја од поголемите метрополи.

Колку многу ќе се приближи Апофис до Земјата во 2029 година?

На 13ти Април во 2029 година, Апофис ќе помине на растојание од само 30 600 километри над Земјата. Доколку сте суеверни, интересен факт е дека се работи за петок 13ти.

Колку многу ќе се приближи Апофис до Земјата во 2036 година?

На 30ти Март во 2036 година, Апофис ќе помине покрај Земјата на малку поголемо растојание од 8,4 милиони километри. Тоа е околу 20 пати повеќе од растојанието помеѓу Земјата и Месечината.

Дали ќе можеме да го видиме Апофис?

За време на приближувањето во 2029 година, Апофис ќе биде видлив од Европа, Африка и западна Азија. Ќе изгледа како ѕвезда со просечна светлина чија магнитуда изнесува 3.1. Ќе се движи релативно брзо на небото. Во 2036 година, Апофис ќе биде премногу далеку за да се гледа без телескоп.

Дали Апофис ќе удри во некој од нашите сателити за комуникација?

Иако Апофис ќе помине поблизу од некои сателити, тој нема да ги удри бидејќи Апофис ќе биде наклонет во спротивна насока од екваторот и нема да помине низ регионите во кои работат сателитите.

Како астрономите пресметуваат дали некој астероид како Апофис ќе ја удри Земјата?

Не е доволно само да ги пронајдете астероидите. Потребно е да се продолжи со следење и да се измери каде точно се наоѓаат истите. Овие набљудувања се изведуваат од професионалци и од талентирани аматерски астрономи ширум светот. Потоа набљудувањата се испраќаат до Центарот За Мали Планети. Група од научници во Лабораторијата за Млазен Погон на НАСА во САД и група научници од програмата NEODyS во Италија ги пресметуваат точните орбити од приложените набљудувања. Бројот и квалитетот на набљудувањата ја одредуваат несигурноста кај пресметаните орбити.

Понекогаш, кога некој астероид ќе се доближи доволно блиску до Земјата, со радар можеме да измериме прецизни податоци за растојанието со кои подоцна можеме да ја пресметаме орбитата со поголема точност. Постојат и случаи во кои ние сме испратиле вселенско летало до некој астероид, а потоа сме пресметувале и уште попрецизни орбити.

Дали можеме да запреме астероиди како Апофис?

Доколку имаме предупредување доволно долго пред судирот (од ред на повеќе години), можеме да се обидеме да му ја промениме орбитата на астероидот. За ова се потребни глобални и координирани напори.

Дали некој планира мисија до Апофис?

Моментално нема планирани мисии за посета на Апофис, но се дискутира за неколку вакви мисии. Една од поважните дискусии беше дел од работилницата Апофис Т-9 Години која се одржа во ноември минатата година. Преку документите поднесени до Децениското Истражување за Планетарна Наука, Планетарното Друштво повика за мисија до Апофис. Во 2007 година и во 2008 година, Планетарното Друштво одржа натпревар за дизајн на мисија до Апофис преку која подобро ќе се запознаеме со орбитата на астероидот.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: planetary.org

Сподели.