Податоци од ТЕСС можеби веќе го содржат доказот за мистериозната Планета Девет

0

Постојат претпоставки дека во далечните делови на Сончевиот Систем демне некој голем објект кој влијае врз орбитите на некои од објектите во Кајперовиот Појас после Нептун. Одредени астрономи веруваат дека станува збор за планета со маса пет пати поголема од Земјата, која ја нарекуваат Планета Девет.

p9

Уметничка претстава на Планетата Девет (nagualdesign/Tom Ruen/ESO/Wikimedia Commons)

Но пронаоѓањето на овој потенцијален „демнач“ и не е така едноставно. Одовде би изгледала екстремно мала и бледа, а најпрвин ние воопшто не би ни знаеле каде точно на небото би требало да гледаме. Астрономите бараат (и откриваат други навистина интересни работи во меѓувреме), но тоа е бавна и макотрпна работа.

Според ново истражување, би можело да постои друг начин: со користење на ТЕСС сателитот на НАСА (Transiting Exoplanet Survey Satellite).Постои можност дека планетата веќе е набљудувана и дека откритието се крие во постоечките податоци.

Сепак, мора да се напомене дека постои разлика кога се бараат планети кои се многу далеку и планети кои условно кажано се релативно близу до нас.

ТЕСС бара егзопланети со користење на транзитниот метод. Сателитот долго време е насочен во делови од небото, барајќи слаби, редовни промени во светлината која доаѓа од ѕвездите, предизвикани од орбитирањето на тие планети помеѓу нас и одредена ѕвезда, попознато како транзит.

Во случај на Планетата Девет тоа е невозможно, бидејќи планетата не поминува помеѓу сателитот и Сонцето. 

Една експозиција нема да открие објект далечен како Планета Девет. Сепак, начинот на кој ТЕСС долготрајно набљудува сегменти од небото може да се комбинира со друга астрономска техника наречена дигитално следење.

Со цел да се откријат транзити, ТЕСС прави голем број на фотографии во едно видно поле. Доколку се соберат овие слики, бледите објекти ќе станат доста посветли, притоа откривајќи објекти кои инаку би биле скриени.

Бидејќи Планета Девет е објект во движење, едноставно собирање на сликите не би било доволно за да се открие планетата. Овде е потребно да се направат одредени претпоставки со цел да се пресмета проценета орбита на објектот и некако да се помести експозицијата да биде во центарот на проценетата позиција, па потоа да се соберат и подредат сликите.

Во својата статија истражувачите напишале: „За да се откријат нови објекти со непознати траектории, ние можеме да ги испитаме сите можни орбити“.

Потребно е само да се внесат орбитите и корекциите на паралаксата (ТЕСС има високо елиптична орбита околу Земјата, па линијата на гледање се изместува со движењето) во софтверска програма и да се чека да се добијат резултати.

Иако ова звучи како не доволно точен пристап, постои можност дека навистина ќе функционира. Преку дигитално следење со Хабл Вселенскиот Телескоп се откриени неколку објекти кои се наоѓаат подалеку од Нептун.

Следно прашање е дали ТЕСС е доволно моќен за да ја открие планетата. Но постои начин тоа да се истестира.

Модели сугерираат дека Планета Девет има привидна магнитуда, односно светлина видена од Земјата, помеѓу 19 и 24. Постојат други познати транс-Нептунски објекти со привидни магнитуди во овој интервал: Седна (20.5 до 20.8), 2015 BP519 (21.5) и 2015 BM518 (21.6).

p9 2

(Holman et al., Research Notes of the AAS, 2019)

Па така, тимот користел дигитално следење за да ги открие овие три објекти, и сите три се прикажале како навистина нејасен кристал со ниска резолуција, но сепак можеле да се идентификуваат. На сликата погоре се прикажани истите: од лево, Седна, 2015 BP519 и 2015 BP518. Сликите се прикажани во негатив за да биде поедноставно да се видат објектите.

Хипотетички, ТЕСС би требало да може да види било кој објект околу тие магнитуди. Тоа би значело дека би требало да може да ја види и Планета Девет. Таа можеби веќе и се наоѓа во податците, но ние сѐ уште ја немаме откриено.

Истражувањето може да се пронајде овде.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: https://www.sciencealert.com/

Сподели.