Астрономите веќе 20 години ја набљудуваат црната дупка во центарот на нашата галаксија, но во мај тие забележале нешто што го немале видено претходно.
Технички, тие не ја гледаат самата црна дупка, наречена Sagittarius A* или Sgr A*, туку ја набљудуваат материјата околу неа. Кога црната дупка е поактивна од вообичаено, хоризонтот на настани е посветол од вообичаено како резултат на загревање кое настанува поради триење. Во принцип Sgr A* е прилично стабилна црна дупка, но според новите истражувања тоа се променило во месец мај.
„Црната дупка е секогаш варијабилна, но овој пат беше најсветла во досегашните набљудувања во инфрацрвениот спектар“ изјавил на Твитер Туан До, астроном при Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, и водечки автор на новата студија. „Веројатно била уште посветла пред да почнеме да ја набљудуваме таа вечер.“
Таа хипотеза е основана на фактот дека на 13ти мај, во моментот кога астрономите се фокусирале на таа област, забележале како релативно силната светлина се намалува, што сугерира дека претходно црната дупка била во уште посветла состојба. Според новото истражување, скорешниот одблесок ја донел Sgr A* до осветленост двојно поголема од сите досегашни мерења.
До и неговите колеги ги вршеле набљудувањата со користење на Keck телескопите на врвот на Мауна Кеа во Хаваи. Овој инструмент набљудува во блискиот инфрацрвен спектар, кој опфаќа бранови должини малку подолги од оние кои човечкото око може да ги види.
Научниците мислат дека постои можност одблесокот на црната дупка да е предизвикан од минатогодишното поминување на ѕвездата S0-2 или на објект составен од прав наречен G2, во 2014 година. Научниците се надеваат дека дополнителни набљудувања на Sgr A* ќе им овозможат да откријат што се случува во црната дупка. Овие набљудувања вклучуваат мерења направени на 13ти и 14ти август, после паузата која се должи на протестите на локалното население кај Мауна Кеа.
Други инструменти, вклучувајќи ги Spitzer и Chandra вселенскиот телескоп, како и одредени инструменти на Земјата, веќе неколку месеци се насочени кон Sgr A*, но овие податоци сè уште треба да се анализираат. ART-XC, новиот Руски вселенски телескоп кој беше лансиран пред околу еден месец и сè уште е во период на калибрација, исто така е насочен кон црната дупка.
Оваа црна дупка е исто таргет на Event Horizon Телескопот, односно колаборацијата која ја објави првата слика од црна дупка во април. Оваа слика беше од црната дупка која се наоѓа во срцето на галаксијата M87, но научниците воедно работат на процесирање на податоците добиени за Sgr A*.
Оригиналното истражување може да се преземе од следниот линк.
Превод: Даница Ѓорѓевска
Извор: www.space.com