Како што Нови Хоризонти испраќа нови фотографии од објектот 2014 MU69 од Кајперовиот појас (Ултима Тули), така и мистериите продолжуваат.
Оваа фотографија направена за време на историското прелетување на 1ви јануари, до сега ни го дава најјасниот поглед на овој значаен објект од најдалечните делови на нашиот сончев систем – воедно е и првиот објект од Кајперовиот појас кој е истражуван од вселенско летало.
Фотографијата е направена кога објектот бил оддалечен 6700 километри од леталото на 1ви јануари во 12:26 часот само 7 минути пред најблиското доближување. Сликата е зачувана во мемориските податоци на леталото и пренесена до Земјата на 18-19 јануари. Научниците потоа ја изоструваа сликата со цел да се потенцираат деталите.
Двете сфери покажуваат многу интересни светли и темни делови од непознато потекло кои можеби ќе откријат податоци како овој објект се формирал пред 4,5 милијарди години. Еден од најинтересните делови е светлиот „појас“ што ги разделува двете сфери.
„Оваа нова фотографија почнува да ги открива разликите во геолошкиот карактер на двете сфери од Ултима Тули“, вели Алан Стерн од Истражувачкиот Институт во Колорадо. „Во текот на наредниот месец ќе имаме слики со подобра резолуција и се надеваме дека ќе ги откриваме мистериите на Ултима Тули.“
Нови Хоризонти се наоѓа на приближно 6,64 милијарди километри од Земјата. На таа далечина, радио сигнал од леталото стига на Земјата за 6 часа и 9 минути.
Превод: Христина Милошевска
Извор: jhuapl.edu