Првооткриениот меѓуѕвезден посетител на нашиот Сончев Систем имал трауматско минато, што е причина да се превртува наоколу хаотично, открија научниците од Кралскиот Универизтет во Белфаст.
Оумуамуа (‘Oumuamua) прелета преку нашиот Сончев Систем во октомври, и првично се сметаше дека е комета, но подоцна беше откриено дека се работи за астроид во форма на краставица.
Од октомври наваму, д-р Вес Фрејзер, заедно со д-р Педро Ласерда, д-р Мајкл Банистер и проф. Алан Фитзимонс,сите од Кралскиот Универзитет во Белфаст, отсек математика и физика, ги проучуваа светлинските параметри на објектот. Тие работеа заедно со меѓународна екипа, вклучувајќи го д-р Петр Правец од Академија на Науките од Чешката Република, д-р Колин Снодграс од Open University и Игор Смолиќ од Универзитетот во Белград.
На прв поглед, тие забележаа дека Оумуамуа не се врти периодично како повеќето мали астроиди и небесни тела кои ги гледаме во нашиот Сончев Систем. Наместо тоа, се превртува или се врти хаотично, а ова би можело да се случува со милјарди години.
Тешко е прецизно да се одреди причината за ова движење, но се претпоставува дека Оумуамуа бил во контакт со друг астроид пред да биде агресивно исфрлен надвор од својот систем во меѓуѕвездениот простор.
Д-р Фрејзер објаснува: „Нашиот модел на ова тело покажува дека ваквото движење ќе трае уште многу милијарди години, дури и стотици милијарди години, пред да може внатрешните сили повторно да создадат услови за нормално ротирање.“
„Ние сè уште не ја знаеме причината за ова превртување, но предвидуваме дека причината најверојатно е судир со другo небесно тело во неговиот систем, пред да биде исфрлен во мегуѕвездениот простор.“
Досега, научниците беа зачудени поради варијациите на бојата помеѓу две мерења кај ‘Оумуамуа. Но, истражувањата на д-р Фрејзер открија дека површината е дамчеста и дека кога подолгата страна на астроидот била видлива од телескопите на Земјата, поголем дел е црвен, додека остатокот има неутрална боја, како валкан снег.
Д-р Фрејзер објаснува: „Поголем дел од површината рефлектира наутрална боја, но една од неговите подолги страни има голем црвен предел. Овој факт отвора дебата за широк опсег на разни хемиски состави, што е необично за толку мало тело.“
Откритијата од истражувањето, кои беа објавени во Nature Astronomy, помогнаа да се направи попрецизен профил на Оумуамуа.
„Ние сега знаеме дека зад необично издолжената форма, оваа вселенска краставица има потекло од друга ѕвезда, имала агресивно минато и поради тоа има хаотична ротација. Нашите резултати навистина помагаат да се обои поцелосна слика на овој чуден меѓуѕвезден натрапник. Прилично е необичен во споредба со повеќето астероиди и комети кои ги гледаме во нашиот Сончев Систем,“ коментира д-р Фрејзер.
Откако Оумуамуа беше забележан во октомври, екипа истражувачи од Кралскиот Универзитет од Белфаст детално го анализираше овој објект. Ова е трет објавен документ од истата екипа, која ги вклучува докторантите Меаб Хајланд и Томас Секул, д-р Вес Фрејзер, д-р Мајкл Банистер, д-р Педро Ласерда и проф. Алан Фитзимонс, чие истражување беше финансиски подржано од Советот за технологија и наука.
Превод: Небојша Крстевски
Извор: Phys