Зошто ноќното небо е црно?

0
Вселена: полна со ѕвезди, нели? Заслуга: Beth Scupham/flickr, CC BY-SA

Вселена: полна со ѕвезди, нели? Заслуга: Beth Scupham/flickr, CC BY-SA

Се чини очигледно. Таква е ноќта. Сонцето е зајдено и кога ќе погледнете кон небото, тоа е црно. Освен на местата каде што има ѕвезди, се разбира. Ѕвездите се светли и блескави.

Но, чекајте. Замислете дека сте длабоко во шума. Насекаде околу вас има дрвја. Каде и да погледнете, гледате во дрво. Можеби гледате едно големо дрво од блиску или многу помали дрвца подалеку. Секако мора да е исто и со ѕвездите. Ние сме длабоко во универзумот и во која и насока да погледнеме, мора да има ѕвезди – милијарди и милијарди ѕвезди. Би помислиле дека целото ноќно небо би било целосно пополнето, најдалечните ѕвезди би биле најбледи, но побројни.

Олберов Парадокс

Ова е наречено Олберов Парадокс, по астроном од 19-от век, иако загатката била позната неколку века пред него. И одговорот, барем сега, е доста јасен.

Причината поради која ноќното небо не е пламен од светлина е тоа што универзумот не е бесконечен и статичен. Доколку беше, ако ѕвездите ги имаше вечно во време и простор, би гледале светло ноќно небо. Фактот што не е такво ни кажува нешто фундаментално за универзумот во кој живееме.

Како логично објаснување може да се смета граница на универзумот, на пример доколку сте во шума и гледате празнина во дрвјата, може да заклучите дека сте блиску до работ. Но, темно е на сите страни околу нас, што би значело дека не само што универзумот е ограничен, туку и дека ние сме во средината, што е прилично неверојатно.

Како алтернатива, може да заклучиме дека универзумот е ограничен временски, што би значело дека светлината од далечните ѕвезди немала време да стигне до нас.

Обвинете го Доплеровиот ефект

Но всушност, објаснувањето не е ниту едно од овие. Светлината од далечните ѕвезди станува побледа бидејќи универзумот се шири.

Едвин Хабл открил во 1929 година дека галаксиите и ѕвездите се оддалечуваат од нас. Тој исто така открил дека подалечните галаксии се оддалечуваат со поголема брзина, што има смисла: во текот на животот на универзумот, најбрзите галаксии би отпатувале подалеку.

Ова влијае на тоа како ние ги гледаме. Светлината од овие далечни галаксии и ѕвезди што се движат со голема брзина е поместена кон подолгите бранови должини поради Доплеровиот ефект. Во случајот на овие ѕвезди, ефектот ја поместува видливата светлина кон невидливи (за човеково око) инфра-црвени и радио бранови, во суштина правејќи ги да исчезнат. Впрочем, црнилото на темното небо е директен доказ за ширењето на универзумот.

Па, ако сакате доказ за Големиот Прскот, не ви е потребен Хабл телескопот или Големиот Хадронски Судирач. Потребни ви се само вашите очи и јасна, темна ноќ.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFLS

Сподели.