Земјоделие на Марс? Филмот „Марсовецот“ покрена прашања за плодноста на почвата на Црвената планета

0
Марс. Извор: НАСА.

Марс. Извор: НАСА.

Во научно-фантастичниот филм „Марсовецот“, главниот лик Марк Вотни успеа да одгледува компири на Црвената планета. Во јавноста се покренаа прашања, дали настрана од Холивудските сценарија ова би било возможно да се изведе и во реалноста?

Добра почва е онаа која структурно ќе може да го поддржи растението да оди нагоре и да ги обезбеди потребните хранливи материи неопходни за неговиот раст. Во филмот, ликот на Марк во почвата меша и дел од неговите замрзнати и исушени фекалии (со извинување до читателите со слаб стомак). Според микробиологот за почви, Мери Стромбергер од државниот Универзитет на Колорадо, теоретски, изметот на Марк би ги овозможил неопходните хранливи состојки за растенијата да можат да раснат.

Во реалноста, мешавината со почвата која тој ја подготви ги нема комплексните мрежи од бактерии кои ги имаме овде на Земјата. Значи, може да постојат проблеми при ваквото рециклирање помеѓу почвата, растенијата и атмосферата. Понатаму, не знаеме дали фекалната бактерија би можела воопшто да опстои на Марс, дури и под контролирана средина. Сепак, Вотни мораше да го искористи она што го имаше на располагање, а и не залудно овој филм спаѓа во категоријата научна фантастика.

Сегашните научници специјализирани за испитувањето на почвите ги дефинираат само почвите кои постојат на Земјата, но неопходно е да се почне со размислување за проучување и на почвите на други планети.

Обединетите Нации ја прогласија 2015 за Меѓународна година на почвите, со цел да се насочи вниманието кон оваа тема и важноста на почвата како природен ресурс.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: phys.org

Сподели.