Затемнување на Месечината се случува кога ова тело влегува во сенката на Земјата, односно кога Сонцето, Месечината и Земјата се порамнети. Затемнувањето може да се случи само кога имаме полна Месечина, но не се случува секој пат поради накосеноста на месечевата орбита и не доаѓа секогаш до вакво порамнување. Сепак, на неколку години можеме да уживаме во оваа појава. За разлика од целосно затемнување на Сонцето, кое можеме да го видиме само од подрачјата кои се поблиску до тоталитетот, затемнувањето на Месечината е видливо скоро од целата земјина хемисфера која е свртена од Сонцето, односно која е во ноќ. Текот на затемнувањето се одвива релативно бавно така што во оваа појава може да се ужива и по неколку саати.
Затемнувањето започнува со влегувањето на Месечината во земјината полусенка, со што затемнувањето е послабо и се забележува кога Месечината повеќе ќе се доближи до сенката на Земјата. Делумно затемнување започнува со влегување на Месечината во сенката на Земјата, а целосно затемнување кога Месечината е целосно во сенката на Земјата.
За време на тоталитетот Месечината не е целосно црна, но добива црвеникава боја. Оваа појава е поради земјината атмосфера која ја крши светлината од Сонцето, па така дури и ноќта (мракот) не настанува веднаш на Земјата откога Сонцето ќе навлезе под хоризонтот, туку малку подоцна. Кога би се наоѓале на Месечината за време на затемнувањето и би ја набљудувале Земјата, би ги виделе изгрејсонето и заоѓањето и црвенкасто обоената атмосфера.
Затемнувањето на Месечината не е тешко да се фотографира. Може да користите било каков фотоапарат, компактен или рефлексен, но сепак подобри се оние кои имаат можност за мануелно поставување на опциите. Месечината е релативно мала, зафаќа 0,5° на небото, па автоматиката би била измамена од темната ноќна сцена така што би дошло до преекспонирање на месечевата површина и губење на деталите. Не заборавајте дека на Месечината е ден! За да се видат детали на површината (кратерите) ќе ви бидат потребни поставувања на апаратот слично како да фотографирате дневна сцена. Како напредува затемнувањето на Месечината ќе биде потребно да ги проширите експозициите.
Иако фазите на делумното затемнување можат да се фотографираат без употреба на статив, сепак се препорачува да го користите бидејќи при тоталното затемнување ќе треба да експонирате и неколку секунди.
Колку Месечината ќе се затемни во текот на тоталитетот зависи од тоа колку блиску ќе помине во средината на сенката но и каква е земjината атмосфера во тој момент. Поголема количина на честички во атмосферата ќе предизвика поголемо затемнување. Францускиот астроном Дањон креирал едноставна скала на интензитет L (луминозитет) на затемнувањето:
L=0 – многу темно затемнување, Месечината е одвај видлива, особено во максимумот
L=1 – темно затемнување со одвај видливи детали; Месечината има темнокафена боја
L=2 – темно-црвена боја на Месечината, малку посветла на рабовите од сенката
L=3 – Месечината има боја на тула и е посветла на работ од сенката
L=4 – при затемнувањето има бакарна боја, на рабовите од сенката е посветла, со синкасти нијанси
Брзи совети:
Користете одложено активирање и кај рефлексните апарати mirror lock up за да го држи апаратот стабилен и да не се замати фотографијата.
Не претерувајте со ISO осетливоста за да избегнете премногу дигитален шум.
Затворете го објективот на f/5.6, f/8 или f/11 за да биде фотографијата поостра.
Фотографирајте во raw формат за подоцна, по потреба, да можете да вршите корекции.
Таблица на експозиција (извор – MrEclipse.com):
Има повеќе начини на кои можете да го фотографирате затемнувањето. Ако користите широк објектив, сликата на Месечината ќе биде мала, но затоа можете на една фотографија да составите композит од целиот тек на затемнувањето. Внимавајте при кадрите – ако затемнувањето е на почетокот од ноќта, оставете место десно и горе, бидејќи така ќе се движи Месечината кога ќе се издигне над хоризонтот. Околку полноќ ќе се движи скоро праволиниски кон десно, а пред изгрејсонце, ќе зајде на запад, од горе кон долу десно, како што тоа беше случај на фотографијата од 2008г.
Внимателно пресметајте го временскиот период помеѓу фотографиите. Овде е фотографирано во интервали од 6 минути. Поединечните фотографии потоа составете ги една со друга во некоја од програмите за обработка или во бесплатните програми за фотографирање на траги од ѕвезди како што се Startrails и StarStaX.
За подетални фотографии од Месечината потребно е да користите телеобјектив или телескоп. Меѓутоа, поради ротацијата на Земјата привидно се движат и објектите на ноќното небо, а со нив и Месечината. Колку е поголема фокусната должина, толку повидливо ќе биде и придвижувањето на кратки експозиции. Со телеобјектив од 300mm придвижувањето е видливо на експозиции од 1-2 секунди. Тоа значи дека ќе треба да поставите поголема ISO осетливост или да го зголемите отворот на објективот. Не заборавајте да имате цврст статив и одложено активирње.
Но и со објектив од 300mm Месечината ќе биде релативно мала на фотографијата. За да биде навистина поголема ќе морате да користите фокусна должина (или еквивалентно на) од отприлика 1000mm.
На скицата е прикажано како се менува големината на Месечината во однос на фокусната должина на објективот. Левиот број е фокусната должина full frame на фотоапаратот, десната се однесува на 1.5x crop сензор на дигитален рефлексен фотоапарат.
За фотографирање на тоталитетот на поголеми фокусни должини ќе ви треба моторизирана екваторијална монтажа за телескоп. Во спротивно сликата на Месечината ќе биде матна поради ротацијата на Земјата. Без разлика дали имате моќен телеобјектив или екваторијална монтажа – модерните дигиталци имаат висока резолуција па слободно исечете ја Месечината од кадарот за да добиете одлична фотографија за веб и социјалните мрежи.
Интересно е да направите колаж од сенките на Месечината поставени во однос на сенката на нашата планета, за да можеме да го видиме нејзиниот облик. Следната фотографија е направена од браќата Цикота и Вишњан за време на затемнувањето во 2007г.
Уживајте во природните појави и ви посакуваме чисто небо!
Превод: Александра
Извор: Astrobobo
Доколку направите ваши фотографии од затемнувањето на Месечината овој петок, можете да ни ги пратите на нашата Facebook страна заедно со деталите за фотографијата и вашето име и презиме за заслуги. Фотографиите би ги објавиле заедно со информациите на нашата веб страна или/и социјални медиуми.