Запознајте ги петте најоткачени егзопланети

0
Запознајте ги петте најоткачени егзопланети

Уметничка илустрација на HD189773 Ab. Извор: NASA

Животот на Земјата е прилично опасен. Уништувањето и смртта се на секој дел од планетата, без разлика дали причината е човечкиот фактор, или пак самата мајка природа. Секој ден е борба за опстанок и преживување на сите пречки и опасности од околината. Токму затоа, неретко помислуваме дека можеби би биле побезбедни на друго место низ галаксијата. Можеби оваа идеја нема да се чини толку сигурна откако ќе ги разгледаме овие примероци на најоткачените, екстремно пеколни светови кои ги имаме откриено.

HD189773 Ab

Оваа планета орбитира околу портокалова џуџеста ѕвезда на околу 63 светлински години од Сончевиот Систем. Планетата има карактеристична сина боја, која е резултат на присуството на микрокристалите од магнезиум силикат. Овие микрокристали се задолжени за разлевањето на светлината од ѕвездата. На сличен начин и ние ја добиваме обоеноста на нашето небо. Оваа светла, сина планета можеби се чини како прекрасно место за посета. Но, тие зрна од магнезиум силикат се разнесуваат околу планетата, благодарение на силните ветришта кои достигнуваат брзини до 9.700 километри на час. Понатаму, станува збор за планета со просечна температура од над 800 Целзиусови степени, на која постојано има хоризонтални дождови од врел песок, чии зрна можат да изрендаат сѐ што ќе им излезе на патот.

Beta Pictoris b

Запознајте ги петте најоткачени егзопланети

Уметнички приказ на планетата и комети кои орбитираат околу Бета Пикторис. Извор: NASA

За оваа планета сѐ уште се чека официјална потврда за нејзиното постоење, бидејќи досега не е директно набљудувана. Се смета дека орбитира околу ѕвездата Бета Пикторис и дека за нас би била смртоносна. Планетата има 11 пати поголема маса од Јупитер и е одговорна за девијации и соборување на огромен број комети. Овие комети создале облак од јаглерод моноксид, кој ја опколил планетата. Ова соединение е особено отровно за луѓето, но истовремено може да биде значајна индикација за постоење на живот. Потребни се околу 100 години за УВ зраците од ѕвездата да ги раскршат молекулите, што значи дека овој токсичен облак веројатно постојано се обновува. Проценката е дека по една голема комета се уништува на секои пет минути.

WASP-12b

Запознајте ги петте најоткачени егзопланети

Уметнички приказ на WASP-12b и нејзината ѕвезда. Извор: NASA

Оваа егзопланета е 1.4 пати помасивна од Јупитер, но е на само 3 милиони километри од нејзината ѕвезда. Блискоста со ѕвездата го прави своето, па така атмосферата на оваа планета е исмукана од страна на ѕвездата и планетата не е повеќе сферична, туку е изобличена од самото постојано влечење кон ѕвездата. Но, ова не е сѐ. Планетата се има проширено и нејзиниот волумен е околу 6 пати поголем од Јупитер. На површината има екстремно високи температури кои достигнуваат до 2.250 Целзиусови степени и зрачи во инфрацрвена светлина.

PSR J1719-1438 b

Запознајте ги петте најоткачени егзопланети

Уметнички приказ на планетарен систем околу пулсар. Извор: NASA

Станува збор за еден вид на дијамантска планета, наречена PSR J1719-1438 b. Ова е планетата со најголема густина која досега била откриена. Станува збор за објект со 330 пати поголема маса од Земјината, со волумен кој е само 64 пати поголем. Материјата од јаглерод е погуста дури и од дијамантите кои ги наоѓаме на Земјата. Непознатата геологија не е единствената опасност во врска со оваа планета. Таа орбитира околу неутронска ѕвезда, чие време на ротација е 5.8 секунди и емитува силно магнетно поле. Поради ова, наоколу се испуштаат рентген и гама зраци кои се смртносни за било кое живо суштество кое би ѝ се приближило.

GJ 1214b

Запознајте ги петте најоткачени егзопланети

Уметнички приказ на GJ1214b и нејзината ѕвезда. Извор: NASA

Станува збор за планета од тиипот на супер-Земја, која на прв поглед би требало да се посети. Целосно е прекриена со вода и се смета дека е океански свет. За жал, се наоѓа на околу 2 километри од нејзината ѕвезда и поради тоа на нејзината површина температурите варираат од 120 до 180 степени. Ова е свет каде воглавно се наоѓа вода во состојба на пареа. Според некои модели на овие типови планети, водата, покрај оваа состојба, се наоѓа и во течна, супер-течна, цврста и плазма состојба.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.