Зачеток на спојувањето на две огромни сини ѕвезди

0
Зачеток на спојувањето на две огромни сини ѕвезди

Уметнички приказ на системот MY Cam – размерот помеѓу компонентите ги отсликува резултатите од анализите. Ѕвездите се деформираат од многу брзата ротација и гравитациското влечење на својата придружничка. Заслуги: Javier Lorenzo, Universidad de Alicante

Во соѕвездието Жирафа (Camelopardalis), на оддалеченост од 13.000 светлински години, MY Camelopardalis е масивен двоен систем составен од две сини (многу жешки и светли) ѕвезди. Тие се наоѓаат толку блиску една до друга, што наскоро ќе се спојат во супермасивна ѕвезда – процес каков што досега не е набљудуван. Иако MY Cam е првиот познат пример за зачеток на супермасивно спојување, астрономите кои го набљудуваат системот велат дека масивните ѕвезди обично се создаваат при спојување со помали ѕвезди.

Ѕвездите кои се движат сами, како нашето Сонце, се малцинство. Повеќето ѕвезди во нашата галаксија се создадени во двоен или повеќеѕвезден систем, во кој тие се гравитациски врзани со ѕвезда-придружничка. Во некои од овие системи, може да се чини дека ѕвездите меѓусебно се засенуваат, доколку нивната орбитална рамнина е свртена кон Земјата. Од оваа причина, до пред една деценија се сметаше дека MY Cam претставува единечна ѕвезда.

Со помош на набљудувањата направени од опсерваторијата Калар Алто (Calar Alto Opservatory) во Шпанија, истражувачите открија дека двојниот систем MY Cam се состои од една ѕвезда со маса од 32 пати, и друга со маса 38 пати поголема од онаа на Сонцето. Двете огромни ѕвезди се наоѓаат на многу мала оддалеченост – тие завртуваат една околу друга за само околу 1.2 дена, што претставува најкраток познат период на орбитирање за ваков тип ѕвезди. За да извршат целосно свртување толку брзо, ѕвездите мора да се во екстремно близок контакт (како на сликата погоре) – толку блиску, што всушност се допираат и материјалот од нивните надворешни слоеви се спојуваат во т.н. заедничка обвивка.

Членовите на овој систем се движат една околу друга со брзина од над милион километри на час. Дополнително, плимните сили помеѓу нив прават тие да ротираат околу себе за нешто над еден ден – скоро како Земјата, со тоа што секоја од нив има радиус 700 пати поголем од неа. За споредба, Сонцето прави целосно завртување на секои 26 дена.

MY Cam претставува најмасивниот двоен систем со компоненти кои се толку млади, што уште не почнале да еволуираат – ѕвездите кои го сочинуваат се стари помалку од два милиони години и најверојатно биле создадени такви какви што ги гледаме денес. Истражувачите очекуваат дека двете ќе се спојат во единствен објект со маса над 60 пати поголема од Сончевата, и тоа пред било која од нив да има време значително да еволуира.

Овој двоен систем лежи на крајот на задните нозе на Жирафата, која можете да ја забележите со помош на двоглед насочен помеѓу Големата Мечка (Ursa Major) и Касиопеја (Cassiopeia), доколку се наоѓате на северната хемисфера.

Превод: Марина Димовска

Извор: IFL Science

Сподели.