Сондата Инсајт (InSight – Interior Exploration using Seismic Investigations, Geodesy and Heat Transport, Внатрешно Истражување користејќи Сеизмички Истраги, Геодезија и Пренос на Топлина) на НАСА која што слета на Марс на 26 Ноември ги обезбеди првите „звуци“ од Марсовскиот ветер на Црвената Планета. Медиумската конференција за овие звуци беше одржана на 7 Декември во 12:30 часот по Стандардно Европско Време.
На 1 Декември сензорите на Инсајт снимија морничаво ниско кркорење предизвикано од вибрациите од ветрот за кој се претпоставува дека дува со брзина помеѓу 5 и 7 метри во секунда, во насока од северозапад кон југоисток. Ветровите беа доследни со насоката на низа виори во областa за слетување, набљудувани од орбита.
„Снимањето на овие аудио звуци ни приреди неочекувана чест и задоволство,“ вели Брус Банерд, директор за истражување при проектот InSight во Лабораторијата за Млазен Погон (ЛМП, Jet Propulsion Laboratory – JPL) на НАСА, која се наоѓа во Песадена, Калифорнија. „Но една од целите на нашата мисија е посветена на мерење на најмалите задвижувања на Марс, а тоа ги вклучува и движењата предизвикани од звучни бранови.“
Двата најосетливи сензори на вселенското летало кои ги регистрираа овие ветровити вибрации беа сензорот за воздушен притисок внатре во леталото и сеизмометарот кој сеуште се наоѓа на леталото и е во исчекување роботската рака на Инсајт да го постави на површината на Марс. Двата инструменти ги снимија воздушните вибрации на различни начини. Сензорот за воздушен притисок, дел од Сензорскиот Подсистем при Помошниот Товар (СППТ, Auxiliary Payload Sensor System – APSS), кој ќе собира метеоролошки податоци, ги регистрираше овие воздушни вибрации. Сеизмометарот ги регистрираше вибрациите предизвикани од ветрот кој се движел над соларните панели на вселенското летало, распространети на секоја страна од сондата како пар џиновски уши и секој со 2,2 метри во дијаметар.
Ова е единствената фаза од мисијата за време на која сеизмометарот наречен Сеизмички Експеримент за Внатрешна Структура (СЕВС, Seismic Experiment for Interior Structure – SEIS), ќе може да регистрира вибрации кои доаѓаат директно од сондата. За неколку недели, роботската рака на Инсајт ќе го постави истиот на Марсовската површина, а потоа и ќе го покрие со сферичен штит за заштита од ветер и температурни промени. Тој сепак ќе може да ги почувствува вибрациите кој доаѓаат од сондата, но пренасочени преку површината на Марс. За сега, тој снима податоци од вибрации кои подоцна научниците ќе ги користат за изолирање на вибрациите од внатрешноста на Марс и останатите несакани вибрации, класифицирани како бучава. Кога сондата ќе го постави СЕВС на површината, овие вибрации ќе овозможат научниците попрецизно да ги регистрираат потресите на Марс.
Кога настануваат земјотреси на Земјата нивните вибрации, кои се одбиваат низ внатрешноста на планетата, правејќи истата да „ѕвони“ слично како кога ѕвоната креираат звуци. Инсајт ќе провери дали потресите на Марс имаат сличен ефект како и земјотресите на нашата планета. СЕВС ќе ги детектира оние вибрации кои ќе ни кажат нешто повеќе за длабоката внатрешност на Црвената Планета. Научниците се надеваат дека ова ќе води кон нови податоци за создавањето на планетите во нашиот сончев систем, а можеби дури и нашата планета.
СЕВС содржи два вида на сеизмометри. Сеизмометрите развиени со придонес на Францускиот Centre National d’Études Spatiales (CNES), ќе бидат поставени површината. За потребите на СЕВС, Imperial College London од Обединетото Кралство, разви краткотрајни силициумски сензори кои користат електронски компоненти од Универзитетот Оксфорд. Овие сензори се поставени на сондата и можат да реагираат на вибрации со фреквенција дури и до 50 Hz, крајниот низок опсег на кој реагира човечкото уво.
„Сондата Инсајт има улога на едно џиновско уво,“ вели Том Пајк, член на научниот тим на Инсајт и дизајнер на сензори во Imperial College London. „Сончевите панели на страните од сондата реагираат на промените во притисокот, предизвикани од ветер. Изгледа како Инсајт да ги насочува ушите и да го слуша Марсовскиот ветер како удира по сондата. Кога ја воочивме насоката на ветрот користејќи ги вибрациите кои доаѓаат од соларните панели, видовме дека се совпаѓа со очекуваната насока на ветер на нашето место за слетување.“
Пајк го спореди овој ефект со едно знаме кое слободно се вее низ ветрот. Како што знамето го дели ветрот, се создаваат осцилации во воздушниот притисок кои човечкото уво може да ги слушне и да ги препознае како мавтање. Од друга страна, СППТ ги снима промените во притисокот директно од реткиот Марсовски воздух.
„Буквално, тоа претставува звук – промена во воздушниот притисок,“ рече Дон Бенфилд, научен водич за СППТ од Универзитетот Корнел во Итанка, Њу Јорк. „Овие промени ги слушате секој пат кога зборувате со некој во просторијата.“
За разлика од вибрациите снимени од краткотрајните сензори, звукот од СППТ е околу 10 Hz што е под звучниот опсег на фреквенции на кои реагира човечкото уво.
Необработениот звучен примерок од сеизмометарот првично беше објавен без никакви промени, додека втората верзија беше подигната за две октави за да биде забележлива од човечкото уво – посебно доколку се слуша преку лаптоп или мобилен уред. Вториот звучен примерок од СППТ беше забрзан за фактор 100, што резултираше со промена на фреквенцијата.
На пат се многу почисти звуци од Марс. За неколку години, роверот Марс 2020 на НАСА треба да се приземји на Марс со два микрофони. Првиот, развиен од ЛМП, има единствена цел за прв пат да ги сними звуците од слетувањето на Марс. Вториот микрофон е дел од SuperCam и ќе може да регистрира звуци од ласерите кои ги користат инструментите за да разложат различни материјали. Овие звуци ќе овозможат да се идентификуваат различните материјали базирајќи се на различните звучни фреквенции.
Превод: Теодор Ангеловски