Астрономите шпекулираат за околу 100.000 блиски ѕвезди кои би можеле да имаат планети со жители кои можеби нè откриле и се обидуваат да стапат во контакт со нас.
Истражувачите само што објавија нова идеја, која се чини како многу логична, во моменталната потрага по напреден вонземски живот. Тоа е идејата дека можеби треба да бараме напредни вонземјани кои можеби веќе знаат за нас, фокусирајќи се на делот од небото каде потенцијални далечни набљудувачи би биле во можност да забележат годишен транзит на Земјата пред Сонцето.
Транзит на Земјата е како мини-затемнување. За далечен набљудувач кој би можел да забележи транзити на Земјата, секако Земјата не би го покрила целосно Сонцето, но би предизвикала многу мало опаѓање на Сончевата светлина како што поминува пред нашата ѕвезда. Во изјава на Институтот Макс Планк на 1 март, 2016, астрономите велат:
Овој таканаречен транзит може да биде мерлив, зависно од големината на планетата и сензитивноста на инструментот. Всушност, поголем дел од егзопланетите за кои знаеме денес биле откриени со методот на транзит. Слична техника, наречена спектроскопија, може да им овозможи на астрономите идно скенирање на атмосферите на егзопланетите во потрага по гасовити знаци на живот.
Астрономите не само што го користат методот на транзит во потрага по далечни егзопланети, но тие исто така почнуваат со потрагата на така наречени биолошки обележја, индикатори дека некои планети можеби имаат светови полни со живот.
Ако нашите астрономи го прават тоа, можно е и вонземските астрономи да бараат транзити.
Тоа е предусловот на два астрономи од Институтот Макс Планк за истражување на Сончевиот Систем и од МекМастер Универзитетот во Канада, кои го опишаа процесот неодамна:
Во првиот чекор, двајцата истражувачи утврдија регион од небото од каде некој би ги гледал транзитите на помалку од половина Сончев радиус од центарот на Сончевиот диск. Можните егзопланетарни системи што ја нудат оваа перспектива се лоцирани на мал појас од небото, проекцијата на Земјината орбита околу Сонцето (еклиптиката) на небесната сфера. Површината на овој појас е околу две илјадитинки од целото небо…
Не секоја ѕвезда е еднакво погодна за да биде дом на екстратерестријален живот. Колку е помасивна ѕвездата, толку е пократок нејзиниот животен век. Долг ѕвезден живот се смета за предуслов за развој на повисоки животни форми. Така, истражувачите составиле листа од ѕвезди што не само што се во предност во однос на позицијата на небото, туку и нудат добри шанси за развиени форми на живот, односно интелигентен живот.
Истражувачите направиле листа од 82 блиски ѕвезди слични на нашето Сонце, што ги задоволуваат критериумите. Овој каталог може уште веднаш да послужи како цел на иницијативите на SETI.
Но астрономите не ги знаат сите ѕвезди во Млечниот Пат. Колку е подалечна ѕвездата, толку побледо изгледа. Особено малите ѕвезди со долг живот се ѕвезди кои се особено бледи. Проценето е дека околу 100.000 блиски ѕвезди би можеле да поддржат планети со жители кои би можеле да не забележат и да се обидуваат да стапат во контакт со нас.
Воглавно, два астрономи на Институтот Макс Планк за истражувања на Сончев Систем и МекМастер Универзитетот во Канада, сметаат дека би требало да бараме напредна вонземска цивилизација во појасот на еклиптиката или рамнината на Земјината орбита околу Сонцето. Потенцијални вонземски астрономи на далечни егзопланети во овој појас од небото би можеле да го забележат транзитот на Земјата пред Сонцето.
Превод: Биљана Велинова
Извор: Earthsky