Уран, претпоследна во низата планети кои кружат околу Сонцето (последна планета е Нептун) оддалечен е 20 астрономски единици од него (1 а.е. е просечната оддалеченост на Земјата од Сонцето и изнесува 150 милиони километри) и потребни му се 84 години за една револуција. Поради огромната оддалеченост откриен е дури во 1781 година и сè што знаеме само сосема малку за него; има прстени како и Сатурн, но значително потемни од Сатурновите и со различна дебелина. Има впечатливо турбулентна атмосфера во која дивеат силни бури со брзина од 900 км/ч.
За разлика од другите планети во нашиот систем, чијашто оска на ротација приближно е нормална на еклиптиката, оската на Уран е навалена за 98° – ова значи Уран буквално се тркала на совојот пат околу Сонцето. Се претпоставува дека во минатото, во добата на формирање на Сончевиот Систем, Уран се удрил со некое силно тело кое го навалило на страна.
Единствена сонда која го посетила е Војаџер 2, која во своето патување низ Сончевиот Систем пристигнала таму во 1986 година. Снимките од Војаџер 2 откриле низа на нови сателити чијшто вкупен број во орбитата на Уран изнесува 27. Нивното набљудување од Земјата бара поголеми напори: се наоѓаат скоро пет милијарди километри далеку, темни се – потемни од, на пример, асфалт, а нивниот дијаметар е помал од 16 километри.
Ваква екстремна оддалеченост и релативно скромна пристапност на новите податоци го чини истражувањето на овој мистериозен свет многу сложен. Затоа и понатаму одновно се прегледуваат старите податоци од сондата која беше таму пред 30 години, со можност преку дополнителна анализа да се открие уште некоја тајна на Уран.
Со детални проучувања на радио брановите кои сондата ги испратила низ планетарните прстени кон Земјата откриени се уште две нови месечини во орбитата на Уран, сместени најблиску до планетата од засега познатите тела кои се наоѓаат таму.
На рабовите од алфа и бета, два внатрешни прстени (вкупно ги има 13) воочени се неправилности и мешање на материјалот, што упатува на гравитациско влијание од природните сателити кои таму поминуваат.
Амплитудата од овие мешања е скромна и упатува на тоа дека месечините се многу мали, со дијаметар помал од 5 километри, па затоа за потврда на ова откритие ќе бидат потребни дополнителни набљудувања со телескопот Хабл. Научниците се надеваат на целосна мисија кон Уран, што подразбира орбитер и евентуално атмосферска сонда. Со пристигнување во орбитата сондата би се одвоила од орбитерот и би навлегла во атмосферата, прибирајќи драгоцени податоци кои потоа би ги испратила на Земјата.
Ваков потфат нема да се случи во скоро време иако НАСА моментално работи на студија за мисија кон Уран и Нептун. Во најдобар случај ова би се случило кон крајот на следната деценија.
Превод: Александра Бошкова
Извор: Znanost