Во Млечниот пат има 100 милиони места погодни за развој на комплексен живот

0
Во Млечниот пат има 100 милиони места погодни за развој на комплексен живот

Животот низ галаксијата веројатно е доста застапен, но многу подисперзиран во споредба со прикажаното на оваа фотографија. Извор: PHL @ UPR Arecibo, NASA, Richard Wheeler @Zephyris.

Неодамна е направена студија за проценка на бројот на места во галаксијата каде би можел да се развие комплексен живот, а проценетата бројка е доста голема – изнесува 100 милиони. Научници од Универзитетот во Тексас започнале со истражување на оваа тематика и за таа цел го создале индексот на биолошка комплексност или BCI (biological complexity index), кој се движи од 0 до 1. Помеѓу факторите за пресметка на овој индекс се наоѓаат температура, хемиски состав, орбита, старост и површината на самата планета, односно дали станува збор за цврста, гасовита или течна состојба.

Според овој тим, околу 10 од 637 планети имаат теоретски подобри услови за живот од месечината Европа, а пет од истиот примерок имале подобри резултати од Марс. Излегува дека просечно во галаксијата има само една планета околу ѕвезда со погодни предиспозиции за развој на животот, што е многу помалку од претходните предвидувања. Но, дури и во овој случај би постоеле 100 милиони планети кои имаат подобри услови за живот од Европа.

Студијата е базирана на вистински податоци од веќе набљудувани тела надвор од Сончевиот систем и не станува збор за вообичаените хипотетички претпоставки и теории кои предвидуваат поголема фрекфентност на живот низ галаксијата. Секако дека и оваа теорија е подложна на сомневања, бидејќи ние сè уште не сме сигурни дали постои живот на месечината Европа. Понатаму, немаме податоци за тоа дали тамошниот живот би бил едноклеточен, или пак станува збор за комплексни организми.

Сите овие дискусии и студии водат кон начнување на темата за Фермиевиот парадокс (спротивставеноста помеѓу огромниот број на проценети вонземски цивилизации и немањето докази за воспоставени контакти, односно за нивното постоење). Сепак, дури и со 100 милиони потенцијални места за живот, кога ќе се земе предвид големината на Млечниот пат, може да се заклучи дека просечната оддалеченост помеѓу овие места би била околу 24 светлински години.

За крај, може да се споредат резултатите со местата во Сончевиот систем. Па така, според оваа методологија Европа има индекс од 0.71, а Марс има 0.83. Ова значи дека доколку не најдеме живот на ниту едно од овие две места нешто може да е погрешно во вршењето на овие пресметки. Инаку, Земјата има резултат од 0.97, додека пак целосни бодови има добиено планетата Gliese 581c.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.