Црна дупка 100.000 пати поголема од Сонцето е откриена во нашата галаксија

0

Астрономите од универзитетот Кеио во Јапонија забележале нешто што изгледа како најголемата црна дупка со средна маса во Млечниот Пат. Приближната маса на објектот е 100.000 Сончеви маси и тој се наоѓа блиску до центарот на галаксијата.

Истражувањето, објавено во Nature Astronomy, се фокусирало на голем облак од молекуларен гас на оддалеченост од речиси 200 светлински години од центарот на Млечниот Пат. Тимот успеал да го види движењето на гасот, кое се совпаѓа со присутството на масивен збиен објект во неговиот центар, којшто тие го именувале CO–0.40–0.22*.

Црна дупка 100.000 пати поголема од Сонцето е откриена во нашата галаксија

Уметнички приказ на црната дупка. Заслуги: Tomoharu Oka/Keio University

Истражувачите исто така забележале како зрачењата од облакот од гас наликуваат на тие кои доаѓаат од јадрото на Млечниот Пат, каде што се наоѓа супермасивната црна дупка на нашата галаксија, но овие зрачења се 500 пати послаби. Исто така, постои и голема разлика во величините, бидејќи супермасивната дупка на Млечниот Пат, која се вика Сагитариус А*, е со маса од над 4 милиони Сончеви маси.

„Ова е првото забележување на кандидат за црна дупка со средна маса во нашиот Млечен Пат,“ изјави главниот автор д-р Томохару Ока за IFLScience. „Ова го поддржува спојувачкото сценарио за создавањето и еволуцијата на супермасивните црни дупки во галактичките центри.“

Тимот веќе се сомневал дека облакот содржи црна дупка со средна маса, но ова е првото детектирање на точкест извор на радиобранови. Новите набљудувања се остварија благодарение на телескопот ALMA (Atacama Large Millimeter/Submillimeter Array), чии сензитивни антени биле идеални за примање на екстремно ладните зрачења од меѓуѕвездените облаци од јаглерод моноксид. Тимот ги споредил набљудувањата со математички симулации на облакот од гас, и тие се совпаѓале со идејата за црна дупка со средна маса во неговата внатрешност. Тимот е уверен дека CO–0.40–0.22* е еден од најветувчките кандидати за црна дупка со средна маса досега.

Откритието на потенцијални нови црни дупки е секогаш возбудливо, но ова е од особен важност, бидејќи придонесува со значајни детали за тоа како настанале супермасивните црни дупки. Црните дупки се создаваат од експлозии на супернови, но нивната големина е сепак поврзана со таа на ѕвездата од која се создадени. Како тогаш може да постојат црни дупки кои се милиони, ако не и милијарди пати потешки од Сонцето?

Една главна теорија предлага дека во раниот Универзум црните дупки се создавале многу почесто, бидејќи ѕвездите биле многу поголеми и побрзо го согорувале нивното гориво. Овие црни дупки би се споиле, со тоа достигнувајќи стотици Сончеви маси. Тогаш тие би почнале да се спојуваат со други такви црни дупки, конечно станувајќи супермасивни црни дупки.

Тимот продолжува со набљудување на изворот и тие се надеваат дека со само една деценија набљудување ќе можат да опишат како тој се движи низ галаксијата и дали ќе се спои со Сагитариус А*.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: IFL Science

Сподели.