Целосната приказна за мистериозните светли точки на Церера

0

Светлите точки на Церера

Уште од март, мистериозните светли точки на џуџестата планета Церера ги збунуваат научниците и астрономските ентузијасти. Дали е тоа мраз од некој подземен океан, или огромен талог од сол? Новото истражување објавено од Nature ги има одговорите на сите прашања.

Да се потсетиме: Вселенското летало Зора (Dawn), кое е во припадност на НАСА, ја сликаше Церера – најголемиот објект во главниот астероиден појас помеѓу Марс и Јупитер – уште откако почна да ѝ се доближува во декември 2014. Во март 2015, Зора пристигна до првата далечна орбита околу џуџестата планета (со што ја прави Церера првата џуџеста планета до која стигнале луѓето, а не Плутон). Леталото од тогаш се доближува во поблиски орбити и слика со цел да создаде мапа со висока резолуција од површината на Церера, како и да го истражи составот на планетата сосвоите инструментите.

Откако и се доближивме на Церера во текот на зимата, не можевме,а да не ги приметиме двете огромни светли точки на неа. Како што ѝ се приближувавме, се покажа дека всушност тие две точки не се единствени и дека ги има многу повеќе. Најголемата од светлите точки се наоѓа во кратерот Окатор (Occator)кој е широк околу 9 километри, што е доволно големо за да биде некој вонземски град, вели Крис Милс од Gizmodo.

Целосната приказна за мистериозните светли точки на Церера

Светли точки во кратерот Окатор (Occator) сликани од 4.400 километри на 9-ти јуни 2015, со резолуција од 410 метри на пиксел. Заслуги: NASA/JPL/UCLA/MPS/DLR/IDA

Замрзната вода беше првата претпоставка – можеби Церера има вулканска активност како Енцелад, сателитот на Сатурн. Неколку месеци подоцна се претпоставуваше дека станува збор за сол. „Мислиме дека е голем талог од сол. Знаеме дека не е мраз и прилично сме сигурни дека е сол, но сè уште не знаеме каков тип на сол е точно,“ рече Крис Расел,  главниот човек одговорен за леталото Зора.

Сега, во најдеталното истражување на површината, спроведено од Макс Планк институтот во Германија, се аргументира дека мистериозните точки се всушност комбинација од двете – претежно сол, малку мраз. Оваа комбинација најверојатно доаѓа од солениот замрзнат слој под површината на Церера, кој се ископува при удари од метеори.


Лет над кратерот Окатор. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/UCLA/MPS/DLR/IDA

„Главниот проблем при анализирање на точките беше малата просторна резолуција на сликите“велат од институтот. Oткако ги променија поставувањата на камерите, добивме слики со висока резолуција од целата површина на Церера со што светлите точки можат подобро да се истражат. Сè на сè, Церера има околу 130 вакви точки чија светлина варира. Според прецизните мерења на нивниот интензитет на светлина, можеме да заклучиме дека станува збор за сол, поточно хидриран магнезиум сулфат.

Барем дел од солените талози содржат вода. Доказ за тоа се облаците кои се појавуваат преку ден над кратерите Окатор и Оксо (Oxo) – именувани според божества на агрокултурата. Иако инструментите на Зора не можеа да ја одредат природата на овие облаци, независни набљудувања од страна на вселенската опсерваторија Хершел потврди дека станува збор за водена пареа. Најверојатно мразот се топи од површината на Церера поради топлината од Сонцето преку ден и потоа пак замрзнува. Оваа појава сме ја забележале и порано на комети, вклучувајки ја и кометата 67P.

Мозаик од површината на Церера заедно со 130-те светли точки прикажани со црвено. Заслуги: NASA/JPL/UCLA/MPS/DLR/IDA

Кој е изворот на оваа солена и мразовита мешавина? Никој уште не знае со сигурност, но појавата на овие точки во кратери најверојатно значи дека постои слој од солен мраз закопан не многу длабоко под површината на Церера кој излегува на површина после удар од метеор. Во секој случај, приказната е далеку од готова. Сега знаеме дека Церера е делумно поделена – има структура како школка. Големината на оваа школка како и нејзиното потекло се сеуште непознати. Одговори на овие прашања можеби ке добиеме наскоро како што леталото Зора се доближува до површината на Церера и ке застане на висина од 370 километри за да ја истражи гравитацијата како и да дознае повеќе за внатрешниот состав на џуџестата планета. Во меѓувреме пристигнуваат нови слики со висока резолуција, кои ке бидат искористени за дополнително да се истражи морфологијата на површината.

Во друго истражување објавено од Nature, тим од Националниот институт за астрофизика од Рим најде докази за присуство на одредена класа минерали (ammoniated phyllosilicates)на површината на Церера. Овие минерали, кои се стабилни само во ледениот надворешен Сончев систем, имплицираат дека Церера или некои нејзини составни делови веројатно се формирани далеку од нејзината моментална локација, пред некако да дојде во астероидниот појас. „Резултатите се неочекувани. Сега ги анализираме сликите сликани со поголема резолуција со цел да дознаеме повеќе за варијацијата во составот на површината.“ вели авторот на истражувањето.

Северниот (лево) и јужниот (десно) пол на Церера, сликани од леталото Зора помеѓу 17-ти август и 23-ти октомври, на висина од 1.470 километри. Заслуги: NASA/JPL/UCLA/MPS/DLR/IDA

Иако сè уште има детали во врска со Церера кои не ги знаеме, барем мистеријата околу нејзините светли точки е решена, и со тоа се зголемува нашето разбирање за астероидниот појас. „Пред 20 години мислевме дека астероидите и кометите се различен тип на објекти, односно дека астероидите се камени објекти додека кометите доаѓаат од надворешниот Сончев систем и имаат многу нестабилни материи во својот состав. Сега знаеме дека има континуитет,“ велат истражувачите.

Превод: Никола Неловски

Извор: Gizmodo

Сподели.