Три планети со маса слична на Земјата откриени на само 12 светлински години од нас

0

Откриен е досега најблискиот мултипланетарен систем околу црвено џуџе. Иако на овие планети најверојатно нема услови за живот, тие се од големо научно значење за идни истражувања.

Трите планети (b, c, d) се наоѓаат околу црвеното џуџе наречено YZ Ceti, на 12 светлински години оддалеченост од нас. По маса се слични на планетата Земја.

Како поголемиот број планети кои орбитираат околу црвено џуџе, тие завртуваат околу нивната ѕвезда многу поблиску отколу планетите кои орбитираат околу ѕвезди слични на Сонцето.

Методот со кој беше откриен овој систем се нарекува метод на радијална брзина. За првпат овој метод овозможи откривање на планети со толку мала маса. Се претпоставува дека постои и 4-та планета во системот, која би имала 0.47 од Земјината маса и орбитален период од 1.04 дена.

За жал, ниту една од планетите нема услови за живот, бидејќи тамошната температура не дозволува постоење на вода. Системот се наоѓа на 12 светлински години оддалеченост од Земјата, што го прави многу интересен за понатамошно истражување. Се уште не е познато дали планетите преминуваат преку својата ѕвезда, гледано од Земјата (познато како транзит), што е значајно за нивното понатамошно проучување, како што се атмосферски истражувања.

Црвените џуџиња се најмногубројни ѕвездени објекти во нашата галаксија и опфаќаат 70% од ѕвездите. Бидејќи се попридушени од ѕвездите налик на Сонцето, полесно може да се изучуваат планетите кои орбитираат околу нив, а тоа ги прави добри целни објекти за идни истражувања, со помош на телескопи како Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (James Webb Space Telescope).

Превод: Ксенија Трајковска

Извор: IFL Science

Сподели.