Веќе некое време знаеме дека во изминатите неколку милиони години супернова најверојатно ја опсипала Земјата со зрачење. Ново истражување го разгледува влијанието што овој настан би го имал врз животот на Земјата.
Во списанието Астробиологија, Д-р Брајан Томас од Универзитетот Вашбурн посочил дека блиските ѕвезди што експлодирале би можеле да го намалат озонскиот слој на нашата планета. Тој ги разгледал ефектите од ваквите настани во периодот на плиоцен-плеистоцен, пред околу 5 милиони години.
Знаеме за барем една супернова на растојание од 163 до 326 светлосни години (од 50 до 100 парсеци) од Земјата пред околу 2,5 до 8 милиони години, врз основа на железото пронајдено во фосилните записи, а веројатно има и повеќе. На такво растојание, иако премногу далеку за директно да предизвикаат масовни изумирања, зголемувањето на ултравиолетовото зрачење од нив би можело да има улога.
“Заклучивме дека биолошките влијанија поради зголеменото [ултравиолетово] зрачење во овој случај [суперновата] не се на ниво на масовно изумирање, но може да се очекува да придонеле во намалување на изобилството на видовите”, напиша тој во списанието.
Проблемот произлегува од осиромашувањето на озонот. Можеби се сеќавате дека прилично интензивна озонска дупка беше пронајдена над Антарктикот во 1985 година, што резултираше во глобални напори истата да се поправи. Тоа време озонот беше намален за 60 проценти.
Озонското осиромашување предизвикано од суперновите изучувани од страна на д-р Томас, не би било толку големо. Но, би траело многу подолг временски период, што би можело да биде прилично катастрофално за некои животни форми.
“Иако вредноста за озонското намалување во нашиот случај [супернова] се помали, времетраењето и површината се многу поголеми, со речиси глобално покривање кое траело со векови”, напиша тој.
Животните, дури и раните човечки предци во Африка пред околу 2,5 милиони години, би можеле да бидат изложени на ризик од оштетување на ДНК-та како резултат на озонското осиромашување. Тој разгледал и голем број други ефекти, вклучувајќи катаракта и оштетување на растенијата, и утврдил дека тие генерално се влошиле, особено на повисоките места.
Сепак, во списанието Астробиологија тој забележува дека супернова која експлодирала во наша близина едноставно не “збришала сè”, туку предизвикала постепени промени. На пример, се смета дека меѓу 58 и 77 проценти од видови на цицачи биле заменети пред околу 3 до 1.8 милиони години.
Не изгледа дека во овој временски период суперновите предизвикале масовни изумирање на Земјата, но можеби учествувале во некои помали.
Превод: Бојана Стефаноска
Извор: IFLScience