Ако има деветта планета, тогаш таа е екстремно далеку, толку далеку што нема шанси да се судри со Земјата или да донесе „темни денови,“ како што се шпекулира. Планетата Девет е свет со најверојатно десетпати поголема маса од онаа на Земјата, оддалечен од Сонцето 20 пати повеќе отколку Нептун. Сите знаци досега се индиректни и се сведуваат на „траги“ според калкулации од гравитациски дејства врз други тела, но тоа е доста голем доказ.
Дури може да се каже и дека потешко е да се замисли Сончевиот Систем без Планета Девет, бидејќи, доколку не постои мистериозното небесно тело, се отвараат многу повеќе прашања. Веќе постојат 5 начини од страна на научниците да се потврди дека постои деветта планета.
Шест веќе пронајдени објекти во далечниот Кајперов Појас, регион од замрзнати небесни тела, кој започнува од Нептун и завршува нанадвор во Сончевиот Систем, имаат елиптични орбити кои се насочени во истата насока и се истовремено во орбита која е под агол од 30 степени во однос на замислениот диск во кој орбитираат осумте познати планети на Сончевиот Систем.
Третиот знак е дека според компјутерските симулации кои вклучувале деветта планета, се покажува дека треба да има објекти кои орбитираат околу Сонцето под агол од 90 степени во однос на замислениот диск на орбитирање на осумте планети. Моментално на астрономите им се познати веќе пет објекти кои се совпаѓаат со тие карактеристики.
Четвртиот знак е дека, според истражувањата, се смета дека деветтата планета треба преку изминатите 4,5 милијарда години на Сончевиот Систем останатите осум планети да им ги искриви аглите на орбитите во однос на екваторот на Сонцето. Ова може да објасни зошто замислениот диск на орбитите на осумте планети има агол од 6 степени во однос на Сончевиот екватор.
Последниот знак е поврзан со телата во Сончевиот Систем кои имаат спротивна насока на орбитирање во однос на повеќето други тела. Такви тела се наоѓаат во Кајперовиот Појас и можат лесно да се објаснат со орбиталното влијание на Планетата Девет.
Преостанатиот чекор е да се пронајде Деветтата планета со визуелна потврда.
Потеклото на Планета Девет е нешто за кое не може да се добијат соодветни одговори без да се открие самото тело и неговата точна позиција и движење. Постои можност за деветтата планета да е бегалец од нашиот Сончев Систем или дури планета со екстрасоларно потекло која по исфрлување од друг систем била фатена од гравитациското дејство на Сонцето.
Други научници нудат различно објаснување за овие пет знаци. Според нов проект за пронаоѓање на тела во надворешниот дел од Сончевиот Систем, кој открил повеќе од 800 нови објекти зад орбитата на Нептун, постои можност за гравитациското дејство на дистрибуираните објекти како целина да биде конзистентно со петте знаци кои се досега најдобриот доказ за постоење на деветта планета. Оваа можност сепак не ја исфрла можноста за постоењето на Планета Девет.
Ако се пронајде Планета Девет, тоа би ни објаснило зошто наоѓаме планети во галаксијата кои кружат околу други ѕвезди и имаат значително повеќе маса од која било друга планета со тврда површина во нашиот систем, а самите имаат цврста површина. Планета Девет би можела да биде супер-Земјата на нашиот Сончев Систем.
Превод: Јован Милосковски
Извор: Space