Создавањето на Месечината било подраматично од досегашните мислења

0

Месечината се формирала при судир на примитивната Земја со објект со големина на Марс при што се исфрлил голем остаток од материја во орбитата, кој пак со тек на времето прераснал во нашиот сателит.

Меѓународен тим истражувачи од Универзитетот во Лос Анџелес правел споредби помеѓу нивоата на кислород во примероци од Земјата и Месечината. Откриено е дека карпите се слични што укажува на тоа дека ударот кој го предизвикал формирањето на Месечината бил толку моќен што предизвикал сериозно мешање на материите од овие две тела.

Пред 4.5 милијарди години нашата планета се судрила со големиот објект наречен Теиа (Theia, мајка на Месечината според грчката митологија). Досега, се сметаше дека ударот бил значително помалку сериозен во споредба со новодобиените резултати.

Сите тела во Сончевиот Систем се формирале отпилика истовремено и од иста материја, но сепак имаат разлики во нивните состави. На пример, сите тела си имаат индивидуални карактеристични кислородни изотопи, па така можеме да одредиме дали една карпа е по потекло од Земјата или Марс.

Ова е важно за разбирање на карактеристиките на Теиа. Кога две тела се судираат, во зависност од интензитетот ќе се случи одредено взаемно мешање на материите, односно типовите карпи. Обично, поголемиот дел од телото кое удира ќе остане на целта во која се судрило.

Почетната точка на оваа студија било едно ланско истражување каде се откриле мали разлики помеѓу карпите од Земјата и Месечината. Со новото подетално истражување оваа минимална разлика не се појавила, што укажува на тоа дека ударот бил многу енергичен и силен. Овој резултат овозможува значајни откритија за историјата на нашата планета и Месечината.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.