Cондата Инсајт ги „слуша“ ветровите на Марс

0

Камерата за Поставување на Инструменти сликаше еден од соларните панели на сондата кои се широки 2.2 метри, кој е фиксиран до лактот на роботската рака. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Сондата Инсајт на НАСА, која што слета на Марс на 26 ноември, ги обезбеди првите „звуци“ од  ветерот на Марс. Медиумската конференција за овие звуци беше одржана на 7 декември во 12:30 часот по стандардно европско време.

На 1 декември сензорите на Инсајт снимија морничаво ниско кркорење предизвикано од вибрациите од ветрот за кој се претпоставува дека дува со брзина помеѓу 5 и 7 метри во секунда, во насока од северозапад кон југоисток. Ветровите беа доследни со насоката на низа виори во областa за слетување, кои беа набљудувани од орбита.

„Снимањето на овие аудио звуци ни приреди неочекувана чест и задоволство,“ вели Брус Банерд, директор за истражување при проектот Инсајт во лабораторијата за млазен погон на НАСА, која се наоѓа во Песадена, Калифорнија. „Но една од целите на нашата мисија е посветена на мерење на најмалите задвижувања на Марс, а тоа ги вклучува и движењата предизвикани од звучни бранови.“

Двата најосетливи сензори на вселенското летало кои ги регистрираа овие ветровити вибрации беа сензорот за воздушен притисок внатре во леталото и сеизмографот кој сѐ уште се наоѓа на леталото и е во исчекување роботската рака на Инсајт да го постави на површината на Марс. Двата инструменти ги снимија воздушните вибрации на различни начини. Сензорот за воздушен притисок кој ќе собира метеоролошки податоци, ги регистрираше овие воздушни вибрации. Сеизмографот ги регистрираше вибрациите предизвикани од ветрот кој се движел над соларните панели на вселенското летало, распространети на секоја страна од сондата како пар џиновски уши и секој со 2.2 метри во дијаметар.

Ова е единствената фаза од мисијата за време на која сеизмографот наречен Сеизмички експеримент за внатрешна структура, ќе може да регистрира вибрации кои доаѓаат директно од сондата. За неколку недели роботската рака на Инсајт ќе го постави истиот на Марсовската површина, а потоа и ќе го покрие со сферичен штит за заштита од ветер и температурни промени. Тој сепак ќе може да ги почувствува вибрациите кој доаѓаат од сондата, но пренасочени преку површината на Марс. За сега, тој снима податоци од вибрации кои подоцна научниците ќе ги користат за изолирање на вибрациите од внатрешноста на Марс и останатите несакани вибрации, класифицирани како бучава. Кога сондата ќе го постави СЕВС на површината, овие вибрации ќе овозможат научниците попрецизно да ги регистрираат потресите на Марс.

Кога настануваат земјотреси на Земјата, вибрациите кои се одбиваат низ внатрешноста на планетата, прават истата да ѕвони слично како кога ѕвоната креираат звуци. Инсајт ќе провери дали потресите на Марс имаат сличен ефект како и земјотресите на нашата планета. СЕВС ќе ги детектира оние вибрации кои ќе ни кажат нешто повеќе за длабоката внатрешност на Црвената планета. Научниците се надеваат дека ова ќе води кон нови податоци за создавањето на планетите во нашиот сончев систем, а можеби дури и нашата планета.

СЕВС содржи два вида на сеизмографи кои се направени од францускиот Centre National d’Études Spatiales (CNES) и ќе бидат поставени површината. За потребите на СЕВС, Imperial College London од Обединетото Кралство, разви краткотрајни силициумски сензори кои користат електронски компоненти од Универзитетот Оксфорд. Овие сензори се поставени на сондата и можат да реагираат на вибрации со фреквенција дури и до 50Hz, крајниот низок опсег на кој реагира човечкото уво.

„Сондата Инсајт има улога на едно џиновско уво,“ вели Том Пајк, член на научниот тим на Инсајт и дизајнер на сензори во Imperial College London. „Сончевите панели на страните од сондата реагираат на промените во притисокот, предизвикани од ветер. Изгледа како Инсајт да ги насочува ушите и да го слуша Марсовскиот ветер како удира по сондата. Кога ја воочивме насоката на ветрот користејќи ги вибрациите кои доаѓаат од соларните панели, видовме дека се совпаѓа со очекуваната насока на ветер на нашето место за слетување.“

Пајк го спореди овој ефект со едно знаме кое слободно се вее низ ветрот. Како што знамето го дели ветрот, се создаваат осцилации во воздушниот притисок кои човечкото уво може да ги слушне и да ги препознае како мавтање. Од друга страна, СППТ ги снима промените во притисокот директно од реткиот воздух на Марс.

„Буквално, тоа претставува звук – промена во воздушниот притисок,“ рече Дон Бенфилд, научен водич за СППТ од Универзитетот Корнел во Итанка, Њу Јорк. „Овие промени ги слушате секој пат кога зборувате со некој во просторијата.“

Спектрограм на вибрации (дијаграм кој го прикажува фреквентниот спектар низ времето) кој го снимија два од вкупно три сензори – сеизмометри со краткотраен работен период на сондата Инсајт од НАСА на Марс. На спектрограмот се прикажани првите 1,000 секунди, приближно 20 минути, од првите сеизмички податоци за Црвената планета, снимени од Инсајт. Вибрациите на сондата настанале поради ветрот кој минува над вселенското летало, поточно неговите големи соларни панели. Означениот дел од спектарот претставува 20 секунди необработен звучен сигнал претставен погоре во статијата. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/CNES/UKSA/Imperial College London/Oxford

За разлика од вибрациите снимени од краткотрајните сензори, звукот од СППТ е околу 10Hz што е под звучниот опсег на фреквенции на кои реагира човечкото уво.

Необработениот звучен примерок од сеизмографот првично беше објавен без никакви промени, додека втората верзија беше подигната за две октави за да биде забележлива од човечкото уво, посебно доколку се слуша преку лаптоп или мобилен уред. Вториот звучен примерок од СППТ беше забрзан за фактор 100, што резултираше со промена на фреквенцијата.

На пат се многу почисти звуци од Марс. За неколку години роверот Марс 2020 на НАСА треба да се приземји на Марс со два микрофони. Првиот, развиен од ЛМП има единствена цел, за прв пат да ги сними звуците од слетувањето на Марс. Вториот микрофон е дел од SuperCam и ќе може да регистрира звуци од ласерите кои ги користат инструментите за да разложат различни материјали. Овие звуци ќе овозможат да се идентификуваат различните материјали базирајќи се на различните звучни фреквенции.


Превод: Теодор Ангеловски
Извор: Phys.org

Сподели.