Колку и да се трудат, луѓето не можат да гледаат во комплетна темнина. Но, дури и во присуство на само неколку честички светлина, во нашите очи се активираат посебни клетки за нивна детекција. Со децении научниците се обидуваа да откријат кој е минималниот број на фотони кои нашите очи можат да ги регистрираат. Одговорот беше откриен од научници од Универзитетот во Илиноис, САД: најмалиот број на фотони кои може да ги види нашето око е три.
Таканаречените стапчиња се посебни клетки во нашите очи кои реагираат на нијанси на сиво и тие се најчувствителни на светлина. Чунчињата се оние кои распознаваат бои, но не се многу ефикасни во темница. Научниците се обидувале да ја регистрираат и најмалата активност на стапчињата за да откријат која е нивната долна граница за детекција на светлина. Експерименти кои биле изведувани врз изолирани клетки во лабораториски услови покажале дека тие можат да реагираат и на само еден фотон, но тоа не е случај со стапчињата во самите очи. Поголемиот дел од светлината која влегува во окото не достигнува до стапчињата, туку се рефлектира, а и во случај некоја од клетките да се активира при допир со само еден фотон, тогаш нашиот „детално калибриран“ нервен систем тоа најверојатно би го протолкувал како изолирана грешка.
При експерименти спроведени во минатото, научниците утврдиле дека стапчињата во нашите очи може да распознаат најмалку од два до седум фотони, но не биле доволно сигурни во резултатите затоа што не можеле да го контролираат точниот број на фотони во еден сноп светлина. Денес научниците имаат поголема контрола врз овој дел од експериментот. Експериментот се состоел во тоа што доброволци биле затворени во потполно темна соба, при што кон нивните очи бил пуштен сноп светлина од точно 30 фотони, под претпоставка дека само околу 10% од фотоните ќе дојдат до стапчињата во очите. Испитаниците требало да погодат дали светлината доаѓала од нивната лева или десна страна, дури и кога сметале дека не гледаат светлина. Во такви услови, испитаниците најчесто давале точен одговор, што ги навело научниците да заклучат дека нашето око може да регистрира најмалку три фотони.
Во иднина научниците би сакале да тестираат и снопови светлина со уште помал број на фотони, при што би ја набљудувале активноста на мозочните бранови за да видат дали очите ја детектираат и таа светлина или не.
Превод: Билјана Дијанисиева
Извор: Popular Science