Човештвото има пратено 45 мисии до црвената планета, отприлика пола биле успешни и пола неуспешни. Мисиите до сега се сите без екипаж т.е. со роботски сонди и орбитери. Во изминатите години повеќето мисии за Марс се успешни и бавно, но сигурно чекориме кон освојување на овој истражувачки фронт. Инсајт (InSight) слетувачот е најновата мисија од низата на мисии на НАСА насочени кон Марс.
На 5 мај 2018 год., Инсајт бил лансиран за Марс со научните цели на откривање како камено тело се формира во планета истражувајќи ја внатрешната структура на Марс и неговиот состав. Мисијата исто ќе одреди постоење и евентуално ниво на тектонска активност на црвената планета, како и истражување на количината на метеорски судири.
Инсајт е стационарен лендер т.е. не се движи по површината на Марс, за разлика од познатите сонди како најновиот Кјуриосити ровер кој може да се движи по површината, туку е фиксиран на едно место заради природата на мерењата кои се земаат.
Слетувањето на Инсајт на површината на Марс се случи на 26ти Ноември во 21 часот по македонско време. Друштвото го искористи ова добро темпирање за да го проследи настанот во Кафе Ли. Следењето на овој настан во кафичот беше отворен за јавноста.
Според настанот објавен на Фејсбук, следењето започна отприлика после 20 часот и траеше десетина минути по слетувањето на Инсајт. Кафичот беше преполн со луѓе кои се собраа да го следат настанот во друштво.
За водич на настанот се докажа супер нашиот член Филип Парталовски кој ја објасни мисијата и нејзината моментална ситуација и ни помогна да го разбереме тоа што го следевме на стримот.
По објаснувањето за Инсајт, дојде време за следење на слетување. За жал немало претходно поставени камери за визуелно следење на слетувањето на Марс :), но добивме преглед на интензивната (а и заразна) атмосфера на тензија во контролниот центар на мисијата.
Како што се одбројуваше далечина од лендерот до површината на Марс се потешко беше да се следи ситуацијата.
И на крај ја добивме потврдата дека Инсајт слетал безбедно, а и ние тогаш се осетивме безбедно. Дури добивме прва слика од површината.
По успешното слетување добивме неколку интересни информации за процесот на планирање на мисијата и се опушти атмосферата во Кафе Ли обележувајќи го крајот на настанот и убава ноќ за паметење.
Текст: Јован Милосковски