Меѓународен тим, составен од астрономи кои се занимаваат со истражување на повеќе од 200.000 галаксии, ја измери енергијата создадена од поголем простор во Вселената со досега најголема прецизност. Тие потврдуваат дека енергијата која се создава во дел од Универзумот денес претставува само половина од онаа која се создавала пред две милијарди години, и откриваат дека ова бледнеење се случува низ сите бранови должини, од ултравиолетовата до инфрацрвената. Универзумот полека умира.
Истражувањето вклучува неколку од најмоќните телескопи на светот, меѓу кои проектите VIST и VST на ESO, сместени на Параналската опсерваторија во Чиле. Овие набљудувања се потврдени и од двата телескопи на НАСА кои орбитираат во Вселената – GALEX и WISE, како и уште еден кој припаѓа на Европската вселенска агенција – Хершел (Herschel). Целото истражување е дел од проектот GAMA (Galaxy And Mass Assembly), најголемиот збир на податоци на повеќе бранови должини. Податоците вклучуваат мерки на енергетскиот излез на секоја галаксија во 21 бранова должина, од ултравиолетовиот до инфрацрвениот спектар, со цел научниците да добијат потемелно разбирање за тоа како се создаваат и развиваат различните типови галаксии.
Целата енергија во Универзумот била создадена во Големиот прскот (Big Bang), со тоа што дел од неа бил заробен во облик на маса. Ѕвездите светат преку преобразување на масата во енергија, како што опишува познатата Ајнштајнова равенка (E=mc2). Проектот GAMA има за цел да ја мапира и да изработи модел на целата енергија која се создава во поголем дел од просторот денес, споредувајќи го со различни времиња во минатото.
Додека поголемиот дел од енергијата која постои во Универзумот е создадена како резултат на Големиот прскот, ѕвездите постојано создаваат дополнителна нова енергија со спојување на елементи како што се водородот и хелиумот. Дел од оваа енергија е впиена од страна на прашината за време на патувањето од галаксијата од која доаѓа, или пак побегнува во меѓуѕвездениот простор и патува додека не удри во нешто, како на пример во друга ѕвезда, планета, или, само понекогаш, во огледалото на некој телескоп.
Фактот дека Универзумот полека избледува е познат уште од раните 90-ти години на минатиот век, но ова истражување покажува дека истото се случува низ целиот светлински спектар, со тоа претставувајќи најточната проценка на енергетскиот излез во блискиот Универзум.
„Отсега па натаму, Универзумот ќе почне да опаѓа, полека но сигурно влегувајќи во својата старост,“ изјавува Сајмон Драјвер (Simon Driver), кој го води меѓународниот тим на проектот GAMA. Тимот се надева дека истражувањето ќе се прошири во насока на мапирање на создавањето на енергија низ целата историја на Универзумот, со помош на низа нови објекти меѓу кои и најголемиот радиотелескоп на светот чија изградба во Австралија и Јужна Африка е планирана во наредната деценија.
Превод: Марина Димовска
Извор: Phys