Што видела НАСА на Европа?

0

Хабл сними испарувања на Европа

Што видела НАСА на Европа?

Уметнички приказ на површината на Европа и Јупитер.

Вселенскиот телескоп Хабл направил низа на ултравиолетови фотографии на Европа додека таа преминувала преку Јупитер. На три од десет такви фотографии забележани се појави коишто можат да се протолкуваат како облаци со водена пареа. Секако, ова е силен поттик за наредните мисии коишто ќе прелетаат покрај Европа да извршат дополнителни снимања со цел проучување на условите за населување на површината на овој сателит.

По ваквата драматична најава на 26-ти септември, НАСА открила дека „изненадувачкото откритие и буквално претставува – водена пареа!

„Океаните на Европа се сметаат за едни од местата коишто најмногу ветуваат дека на нив би можело да се најде живот во Сончевиот Систем“ – изјави Џефри Јодер (Geoffrey Yoder), администратор во НАСА, на вонредната конференција за новинари одржана на 26-ти септември во просториите на дирекцијата на телескопот Хабл во САД.

Што видела НАСА на Европа?

Фотографија од ледената површина на Јупитеровиот сателит Европа направена со леталото Галилео. Заслуги: NASA

Националната администрација за аеронаутика и Вселена, позната по акронимот НАСА, најавила дека на оваа телеконференција за новинари ќе ги разоткрие последните наоди за, како што е кажано, „изненадувачката активност“ на Јупитеровиот сателит, Европа.

Оваа необична најава го привлече вниманието на светските и домашните медиуми. Конференцијата во живо е емитувана и на порталот Елементариум. Бројни критичари на актуелната политика на НАСА во односи со јавноста го карактеризирале овој повик како сензационализам, а многу се дискутирало за тоа дека НАСА повторно „крева прашина“ околку едно откритие.

Се покажало дека откритието не е прашина, туку буквално е водена пареа.

Што видела НАСА на Европа?

Уметнички приказ на излив од водена пареа на Европа. Заслуги: NASA/ESA/K. Retherford/SWRI

Имено, во оваа прилика НАСА објавила дека на снимките добиени со телескопот Хабл се воочени можни облаци со водена пареа на Европа. Тие се забележани на околу 160 километри над ледената површина, а снимени се кога Јупитеровиот сателит поминувал пред оваа планета во јануари 2014 година.

До ова откритие дошол тим кој го предводи Вилијам Спаркс (William Sparks) додека се обидувал преку набљудување да дознае повеќе детали за атмосферата на Европа. Меѓутоа, Спаркс и соработниците на три снимки неочекувано воочиле појава којашто може да претставува водена пареа.

Сепак овие резултати не се толку изненадувачки како што се најавени. Претпоставката за постоење на водена пареа на Европа постои од 2012 година, а овие наоди би можеле да ја потврдат.

Европа е величествен замрзнат свет кој веќе подолго време ја буди фантазијата на Земјата. Како еден од над 60-те сателити кои кружат околу Јупитер, Европа е тема на бројни шпекулации дека под вечниот мраз кој ја покрива би можеле да постојат услови за живот.

„Гејзир“ со водена пареа без сомнеж ќе ги охрабри ваквите размислувања. Најверојатно пареата потекнува од океаните кои очигледно се наоѓаат во течна состојба под замрзнатата површина.

Доколку овие претпоставки се точни, постоењето на гејзири со водена пареа ќе отворат и некои технички можности за истражување на Европа – пареата значително би го олеснила прибирањето на примероци.

Откритието претставува уште еден подвиг на најпознатиот вселенски телескоп. Пол Херц (Paul Hertz), директор на одделот за астрофизика на НАСА, напомена дека ова откритие говори и за можностите на телескопот Хабл.

„Хабл уште еднаш покажа дека може да направи опсервации за кои не е дизајниран“ изјави Херц.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin, Елементаријум

Сподели.