Научниците се на чекор поблизу до решавање на мистеријата за драстичната промена на Марс, односно причината поради која од свет со течна вода на површината се претворил во денешната Црвена Планета. Новите анализи на најголемото наоѓалиште на јаглеродни минерали на Марс укажуваат на тоа дека оригиналната атмосфера веројатно изгубила големо количество од јаглеродниот диоксид уште во ерата на формирање на мрежи од долини. Ова наоѓалиште има најмногу двапати повеќе количество јаглерод во споредба со атмосферата. Дури и да се земат сите познати наоѓалишта со јаглерод заедно, нема да дојдеме ни приближно близу до потребното количество кога на Марс имало дебела атмосфера и течеле реки од вода на површината.
Атмосферата на Марс во својот состав најмногу го има јаглеродниот диоксид. Овој гас може да биде извлечен од воздухот или вовлечен во почвата преку хемиски реакции со карпите кои резултираат со создавањето на јаглеродните минерали. Пред многу години, пред времето на успешните мисии на Марс голем дел од научниците сметаа дека на површината ќе се најдат огромни количества на карбонати во кои требаше да се состои најголемиот дел од јаглеродот, од кој во минатото се состоела првичната атмосфера на оваа планета.
Наместо ова, досега три мисии успеаа да најдат значително помали количества на карбонати во споредба со очекуваното, кои воедно се и распрскани наоколу, а како концентрирани наоѓалишта се наоѓаат само на неколку места. Засега, најголемото вакво наоѓалиште е во областа Нили Фосае, кое е со големина на државата Делавер, а можеби ја достигнува и големината на Аризона.
Според научниците, потребно би било да има околу 35 пати повеќе вакви наоѓалишта за да се дојде до проценетите количества од времето кога на Марс течела вода. Дури и дел од старите наоѓалишта да се веќе пропаднати подлабоко под површината, па тоа да е причината поради која останале неоткриени од роверите и мисиите на Марс, сепак ќе остане нерешена мистеријата за атмосферата од времето на создавањето на долините. Сегашната атмосфера на Марс е многу кревка за да овозможи опстанок на вода во течна состојба на површината.
Што точно се случило и како од потребната дебела атмосфера која постоела во минатото дошло до оваа нова состојба? Едно од објаснувањата е дека се губеле горните слоеви од атмосферата, а не внатрешните, кои би требало да резултираат со големо количество на минерали. Понатаму, научниците велат дека можеби во тоа време на создавање на овие речни долини и формации можеби атмосферата не ни била толку дебела како што замислуваме. Можеби, планетата само била студена и влажна, и наместо дождови всушност имало само мраз и врнежи од снег, за што и не е потребно многу висока температура, а со тоа ни многу дебела атмосфера. Голем дел од губењето на атмосферата може и да се случил пред периодот на формирање на долините.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: www.jpl.nasa.gov