Што може да научиме од спојувањето на две неутронски ѕвезди?

0

Минатиот месец, пред да бидат затворени за надградување, LIGO (Laser Interferometer Gravitational Wave Observatory) и Европскиот пандан Virgo, заедно го набљудуваа небото. Тие имаа мал набљудувачки прозорец, од 1-ви до 25-ти август, но ова веројатно беше доволно: Кружи гласина дека LIGO забележа уште еден гравитациски бран, четвртиот во рок од две години. Но, овојпат има пресврт: Сигналот можеби е предизвикан од спојувањето на две неутронски ѕвезди, наместо црни дупки.

Доколку гласината е вистинита, ова ќе биде неверојатно среќна детекција.

Што можеме да научиме од спојувањето на две неутронски ѕвезди?

На некој начин, спојувањето на неутронски ѕвезди е најголемиот хадронски судирач некогаш замислен. Заслуга: NASA Goddard Space Flight Center / Flickr

Наутилус зборуваше со Дејвид Радис, истражувач на Универзитетот Принстон.

Ова потенцијално спојување на двојна неутронска ѕвезда ме потсетува на она кога биолозите сметаат дека откриле нов вид. Како вие би го опишале?

Се согласувам дека ова е првпат да се види такво нешто. За мене, убава аналогија е онаа со судирачите на честички. На некој начин, спојување на неутронска ѕвезда е најголемиот хадронски судирач некогаш замислен. Наместо судирање на неколку нуклеони, ова е како да се судираат 1060. Набљудувајќи ги последиците може да научиме многу за фундаменталната физика. Може многу да се случи кога овие ѕвезди се судираат и сметам дека немаме целосно познавање на сите можности. Мислам дека ќе научиме многу и ќе видиме нови работи.

Што би значело ако тие навистина детектирале спојување на двојна неутронска ѕвезда?

Очекував дека вакво спојување на неутронска ѕвезда ќе биде забележано во иднина, можноста ова спојување да се детектира порано укажува на тоа дека овие настани се почести отколку што мислевме. Можеби постои и придружник – електромагнетен бран. Многу работи можат да се откријат со постоењето на електромагнетна компонента. На пример, дури и во иднина да имаме 5 детектори низ светот, не би можеле точно да ја одредиме локацијата на изворот и со прецизност да кажеме: „Ова е галаксијата од каде потекнува.“ Епа, доколку имаме електромагнетна компонента, особено во оптичкиот регион, навистина ќе можеме прецизно да ја одредиме галаксијата каде што се случило спојувањето и нејзините својства.

Што го прави спојувањето на двојна неутронска ѕвезда различно од спојувањето на двојна црна дупка?

Една од главните работи е дека во спојувањето на двојна црна дупка, гледаме само во ефектите на време-просторот. Во овој случај гледаме во исклучително густа материја. Може да се надеваме дека ќе научиме многу работи за спојувањето на неутронска ѕвезда. Ги гледаме како извори на изливи од гама зрачење, или како потекло на тешки елементи, или како начин да научиме за физиката на многу густа материја.

Една идеја што постои веќе неколку години е дека многу од тешките елементи, како платина или злато, можеби настануваат при спојување на неутронски ѕвезди. Се исфрла материјал и поради нуклеарни процеси би настанале овие тешки елементи што инаку тешко се создаваат во нормални ѕвезди.

Направивте визуелни симулации на спојување на неутронска ѕвезда, како онаа подолу. Колкава моќ е потребна за да се пуштат?

Јавно се достапни, секој може да го симне кодот и да направи слични симулации, но за да ги пуштите ви треба суперкомпјутер. Вообичаено се потребни недели на неколку илјади процесори, но ова може многу да каже за овие спојувања. Сега двата детектори, LIGO и Virgo се очекува да бидат исклучени и да подлежат на серија надградувања. Кога ќе бидат повторно вклучени, нивната сензитивност ќе биде значително зголемена така што ќе може да гледаме многу подалеку и да научиме повеќе за секој настан.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Nautilus

Сподели.