Се разотркиваат мистериите за космичката мрежа

0
Лево е прикажана опсервацијата направена со Cosmic Web Imager. Десниот дел е симулација на космичката мрежа.

Лево е прикажана опсервацијата направена со Cosmic Web Imager. Десниот дел е симулација на космичката мрежа.

Галаксиите меѓусебно се поврзуваат преку гас познат како меѓугалактички медиум. Во последните неколку декади научниците успеаа да откријат дека оваа мистериозна појава не е рамномерно распределена низ просторот туку како мрежа, на места е погуста и се прекрстува со останатите делови, а на други места не е толку застапена. Сега, благодарение на новите опсервации од Cosmic Web Imager астрономите успеаа да ги направат првите 3Д слики на меѓугалактичката материја.

Се проценува дека 96% од Универзумот е создаден од темна материја и енергија, а само 4% од него се исполнети со нормална материја. Од овие 4% околу 1% се ѕвездите, планетите и галаксиите, а остатокот припаѓа на меѓугалактичкиот гас. Cosmic Web Imager бил изграден со цел да се дознае точно како овој медуим е распореден низ просторот, што е овозможено преку истовремено фотографирање во различни бранови должини.

Со цел подобро да се разбере структурата на меѓугалактичкиот медиум научниците ја набљудувале околината на два многу сјајни објекти. Станува збор за квазарот QSO 1549+19 и појавата наречена Lyman alpha blob, која се наоѓа во галактичкиот кластер SSA22 и најверојатно претставува протогалактички диск. Кај квазарот бил октриен еден филамент, долг милион светлосни години а кај Лајман алфа биле забележани три филаменти. Се смета дека овие филаменти потекнуваат од околу 2 милијарди години по Големата експлозија.

Научниците сметаат дека во иднина, со понапредните верзии на инструменти од типот на Cosmic Web Imager ќе можеме успешно да ги детектираме и проучуваме филаментите од меѓугалактичкиот медиум без притоа, да се потпираме на екстремно сјајни објекти, како досега.

Извор: IFLS

Превод: Михаела Стојанова

Сподели.