Сателитот Гаја и астрономи-аматери забележуваат уникатна ѕвезда

0

Меѓународен тим на истражувачи потпомогнат од астрономи аматери откриле уникатен бинарен ѕвезден систем – прв каде едната ѕвезда целосно ја затемнува другата. Тој е вид на двоен систем познат како Катаклизмична променлива (Cataclysmic Variable), каде едно супер-густо бело џуџе краде гас од неговата ѕвезда-придружничка, практично јадејќи ја.

Системот е важен за проучување на ултра-светли супернова експлозии кои се важни за мерење на ширењето на универзумот. Детали за новото истражување ќе бидат објавени во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society.

Системот именуван Gaia14aae се наоѓа на 730 светлински години, во соѕвездието Змеј. Откриен е од сателитот Гаја (Gaia) на Европската Вселенска агенција во август 2014 г. кога наеднаш стана пет пати посветол во еден ден. Астрономите водени од универзитетот во Кембриџ ги анализирале информациите од Гаја и заклучиле дека наглото засилување е резултат на тоа што белото џуџе го разорува својот поголем придружник.

Додатни набљудувања на системот направени од Center for Backyard Astrophysics – сојуз на аматери и професионални астрономи откриле дека системот е редок затемнувачки двоен систем каде едната ѕвезда поминува пред и целосно ја сокрива другата гледано од Земјата. Целосно затемнување се случува на секои 50 минути. Користејќи спектроскопија е откриено дека системот содржи големи количини на хелиум, но не и водород, што е многу ретко бидејќи водородот е најзастапениот елемент во Универзумот. Недостатокот на водород прави системот да се категоризира како редок вид на систем наречен AM Canum Venaticorum – тип на катаклизмична варијабла каде двете ѕвезди го потрошиле целиот свој водород. Ова е првиот систем од оваа категорија каде едната ѕвезда целосно ја затемнува другата гледано од Земјата. Многу интересен е и уделот на астрономите-аматери, бидејќи откриле дека ова е еден таков систем, со што се покажува важноста на оваа група луѓе во големите научни откритија.

Ѕвездата-придружничка е 125 поголема од Сонцето, додека белото џуџе е колку Земјата. Но, таа има мала маса и тежи само колку 1% од масата на белото џуџе. Во овие системи гравитациските ефекти се толку силни што ѕвездата-придружничка на белото џуџе се дува како балон и се движи кон него.

Овие системи се многу важни за астрономите, бидејќи го кријат одговорот на една од најголемите мистерии во модерната астрофизика: што ги предизвикува Ia супернува експлозиите?

Во овој случај не се знае дали двете ѕвезди ќе се судрат и предизвикаат супернова или пак белото џуџе комплетно ќе ја изеде другата ѕвезда.

Мисијата на сателитот Гаја кој ја пронајде оваа ѕвезда е во рок од 5 години да помогне во создавање на досега најточната 3Д мапа на Млечниот пат.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Phys

Сподели.