САД и Русија планираат заедничко враќање на Месечината

0

Поминаа 47 години откако НАСА ја победи вселенската трка и астронаутите од мисијата Аполо 11 беа првите луѓе кои стапнаа на Месечината. Сега, некои американски компании прават планови за враќање на површината на Месечината, но овој пат заедно со Русија.

Соработката помеѓу овие две нации и не е некое големо изненадување, бидејќи тие соработуваат на разни вселенски проекти уште од 1993 година кога соработуваа на Меѓународната вселенска станица (ISS). Двете држави имаат свои поголеми цели и планови. За НАСА, тое е пренесување на луѓе на Марс до триесетите години на овој век. А, во врска со враќањето на Месечината, тие имаа дадено конкретна и јасна изјава дека тоа нема да се случи без учество и водство од страна на руската вселенска агенција Роскосмос или пак, Европската вселенска агенција. НАСА можеби не е конкретно заинтересирана за Месечината, но дел од плановите за пристигнување на Марс ја вклучуваат и областа околу нашата Месечина.

Како пример, дел од испланираните чекори на НАСА вклучуваат и заробување на астероид околу орбитата на Месечината, при што ќе се испрати екипа за да направи истражувања во текот на дваесетите. Затоа, аеронаутичките гигантски компании како Боинг бараат изградба на лунарна база во блиска иднина и започнаа да ја нафрлаат идејата кон НАСА. Веќе се започнати консултации и вклучување и на руски големи компании како РКК Енергија и ГКНПТ Круничев. Целта на овие компании исто како и на НАСА, не е конкретно и исклучиво да се посети нашиот сателит, туку да се изгради база која ќе служи како помошна станица за други мисии, вклучувајќи го и испраќањето на луѓе на Марс. Сè уште има многу за преговарање и одлучување, но генерално идејата е Русите да се погрижат и да го споделат хардверот, односно модулите во кои може да се праќаат луѓе. Американците пак, би имале пристап до неверојатно моќниот Систем за вселенско лансирање кој НАСА го развива за својата мисија на Марс, а ова е нешто кое на Русите им е неопходно доколку сакаат да направат било каква база со човечко присуство надвор од границите на планетава.

Меѓу другото, ќе може да се организира и пробна долготрајна мисија за да се симулира престојот астронаутите на Марс. Останува да видиме кога и како ќе се реализираат овие планови за соработка помеѓу руските и американските компании.

Извор: Science Alert

Превод: Михаела Стојанова

Сподели.