Јури Милнер објави дека бара начин да започне мисија за да ја истражи Сатурновата месечина Енцелад.
Рускиот милијардер Јури Милнер размислува за финансирање на мисија која ќе го истражи Енцелад, една од месечините на Сатурн. Овој претприемач и инвеститор опседнат со вселената веќе поддржува други проекти за вселенско истражување, како Breakthrough Starshot, амбициозниот план да се испрати сонда до Проксима Кентаури, и возбудливиот проект Breakthrough Listen, кој е создаден да бара сигнали од интелигентен живот во вселената. Милнер ја пушти неговата најнова идеја за вселенска авантура порано во месецов, на конференцијата на Економист за новата вселенска ера, во Сиетл. Неговиот предлог-опис на мисијата е да се прати приватно финансирано вселенско летало на Енцелад и да се бара живот таму. Милер тврди дека стапил во контакт со експерти кои ја проверуваат изведливоста на мисијата. „Дали можеме да дизајнираме евтина, приватно финансирана мисија до Енцелад која ќе може да започне релативно наскоро, и која ќе може подетално да ги разгледа оние столбови од пареа, да види што навистина се случува таму?“ изјави тој.
Мисијата Касини даде добри докази за можности за живот
Мисијата не е целосно апсурдна, и има добри докази, снабдени од мисијата Касини, дека месечината Енцелад има океани под нејзината површина прекриена со мраз. Хидротермални издувни отвори на површината на оваа месечина исфрлаат водена пареа и честички од мраз кои содржат органски соединенија, испарливи гасови, јаглерод диоксид, јаглерод моноксид, сол и силикат. Материјалот се исфрлува над површината на месечината со брзина од над 400 метри во секунда. Овој издувен материјал формира столб од пареа кој се извишува стотици километри нагоре во вселената. Дел од излезниот материјал повторно паѓа на Енцелад, додека дел го напушта, формирајќи го Сатурновиот широк Е прстен. Присуството на органски соединенија во пареата значи дека можно е да има живот на оваа месечина.
Милнер може да ја финансира мисијата побрзо од НАСА
НАСА има планови за понатамошно истражување на Енцелад, но заради финансии и владина бирократија таква мисија нема да може да се случи во следнава деценија. Милнер е нестрплив и сака да дејствува многу побрзо.
„Има различни идеи кои висат наоколу за тоа како да пратиме мисија на Енцелад за всушност да направи подетално испитување на столбовите од пареа, да види да не има аминокиселини или нешто слично во нивниот состав, што би било клучен доказ за живот под мразот,“ изјави тој. „Како можеме, за прв пат да дизајнираме и пратиме и спроведеме приватно финансирана интерпланетарна вселенска мисија? Па, за тоа и размислуваме.“ Идеите на Милнер се очигледно на почетокот на нивниот равиток, но тој дефинитивно ги има богатството, мотивацијата и влијанието за да организира мисија далеку пред можниот Наоѓач на Живот на Енцелад (ELF), кој е проект на НАСА. Најголем дел од сегашните знаења за Сатурн и неговите месечини доаѓа од сега деактивираната вселенската сонда Касини која работеше се до септември оваа година. Касини намерно беше пратена на смртоносна мисија во Сатурновата атмосфера на 15 септември оваа година. На вселенското летало му снемуваше гориво и научниците се плашеа дека би можело да се урне во една од потенцијално населливите месечини на Сатурн ако би го оставиле само да се снаоѓа.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: Interesting Engineering