Тим на научници се надева дека ќе успее да го следи потеклото на експлозиите од гама зраци со помош на гигантските вселенски „микрофони“.
Истражувачите од Универзитетот во Кардиф се обидуваат да ги откријат можните звуци кои научниците можеби очекуваат да ги слушнат кога ултра-осетливите детектори LIGO (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory) и VIRGO ќе се вклучат во 2015 година.
Надежта е дека километарски „микрофони“ ќе детектираат гравитациски бранови создадени од црни дупки, што ќе фрли нова светлина врз сознанијата за потеклото на Универзумот.
Истражувачите д-р Франческо Панарале и д-р Френк Охме, од одделот за физика и астрономија на Универзитетот во Кардиф, го истражуваат потенцијалот на гледање и слушање настани кои астрономите ги препознаваат како кратки експлозии на гама зраци.
Овие високоенергетски изливи на големи зрачења се видени од сателитите за гама зрачења, како што се Ферми (Fermi) и Свифт (Swift), но точното потекло на овие брзоисчезнувачки светкања на гама зраци останува непознато.
„Со следење на гравитациските бранови поврзани со овие настани, ќе бидеме во можност да пристапиме до скапоцени информации кои претходно биле скриени, како на пример дали судир на ѕвезда и црна дупка ја потпалува експлозијата и приближно колку биле масивни овие објекти пред судирот“, објаснува д-р Охме, кој ги фокусираше своите истражувања на предвидувањето на точната форма на сигналите од гравитациските бранови кои научниците очекуваат да ги видат.
Д-р Панарале додава: „Можно сценарио кое би произвело експлозии на гама зраци вклучува и неутронска ѕвезда, најкомпактната ѕвезда во Универзумот, која се разделува од црна дупка, орбитирајќи околу неа. Остатоците материја би се забрзале толку многу што би можело да ги предизвикаат енергетските експлозии кои денес ги набљудуваме.“
„Во некои случаи, со набљудување на двата типа бранови, електромагнетни и гравитациски, на истиот настан, ќе бидеме во можност подобро да го разбереме однесувањето на материјалот во регионот со најголема густина во нашиот Универзум, така што ќе почнеме да отфрламе различни теоретски модели кои беа предложени, но не можеа да се тестираат на друг начин.“
Превод: Боро Костевски
Извор: Phys.org