Поздрав од Европа

0
Поздрав од Европа

НАСА објави нова слика на сателитот на Јупитер што е и еден од потенцијалните кандидати на кои би можело да постои живот. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/SETI Institute

Европа е заоблена коцка мраз што е делумно стопена. Всушност ако пробаме да ја протресеме оваа мала месечина на Јупитер, ќе слушнеме водни шумови.

Тоа е така бидејќи под замрзнатата кора на оваа месечина се протега океан што би можел да биде со длабочина од стотици километри. Всушност толку е голем што би можел да ги собере двојно или тројно водите од сите мориња заедно на Земјата.

Што е тоа што плива во тоа мистериозно море? Сè уште не знаеме – можеби ништо. Но астробиолозите ја сместија Европа меѓу првите дестинации што треба да ги посетат во следните децении. Присуството на овој огромен океан, најверојатно полн со минерали што потекнуваат од вонземското морско дно, заедно со присуството на можни хидротермални извори, овозможува Европа да биде едно од местата каде може да се започне со барање на живот надвор од Земјата, а во внатрешноста на Сончевиот систем.

Откако тоа го појаснивме, сепак, не е мала работа да се продупчи кората на месечината за да ги овозможи истражувањата на вселенскиот брод. Но, не грижете се, затоа што научниците веќе работат на тоа. И којзнае, можеби во наредната деценија ќе биде испратено вселенско летало од Земјата на овој далечен сателит, сонда што ќе биде во состојба да направи снимки и да го подготви теренот за наредните мисии.

Нема да биде првпат еден вселенски гласник да пристигне од тој крај. Во 90-тите, сондата Галилео талкаше во системот на Јупитер и ја проучуваше најголемата планета во Сончевиот систем. Дел од мисисјата се состоеше во фотографирање на многуте месечини што гравитираат околу планетата.

Ако помисливте дека сте ги виделе сите фотографии сликани од страна на Галилео, многу се лажете. НАСА штотуку објави нова слика на Европа, онаа што ја гледате горе. Се работи за обработена верзија на слика фотографирана на 6 ноември 1997, и опфаќа површина од околу 160 квадратни километри. Црвените линии што наликуваат на автопати се составени од мешавина врз основа на сулфур, распрскани врз ледената површина. Но, доколку случајно би биле како оние што ги гледаме на Земјата, во канадскиот дел на Арктикот, тогаш тоа би можело да значи дека има живот под површината.

Превод: Кристина Стаменова

Извор: National Geographic Italiа

Сподели.