Потрагата за живот околу чудната ѕвезда продолжува

0
Потрагата за живот околу чудната ѕвезда продолжува

Радио телескопот Грин Бенк (Green Bank Radio Telescope) во Западна Вирџинија. Заслуги: NRAO/AUI

Ѕвездата на Таби останува комплексна и мистериозна, исто како пред една година кога истата беше откриена. Иако сè уште не постојат никакви докази за „вонземска мегаструктура“ околу оваа ѕвезда, јавноста е многу заинтересирана за нејзината состојба.

Астрономите од Универзитетот Беркли ќе го искористат радио телескопот Грин Бенк во Западна Вирџинија со цел да истражуваат  потенцијални сигнали од оваа чудна ѕвезда, која во астрономските технички рамки е заведена како KIC 8462852.

„Грин Бенк е најголемиот радио телескоп со комплетнa можност за управување, и истовремено е телескоп со најголема осетливост, кој е способен да ја набљудува Ѕездата на Таби, со оглед на нејзината позиција на ноќното небо,“ вели Ендру Симион, директор на СЕТИ тимот за истражување.

„Распоредивме нов фантастичен СЕТИ инструмент кој се поврзува на телескопот и може истовремено да набљудува во голем Ghz спектар, и истовремено во многу милијарди различни радио канали, со цел да се истражи радио спектарот за кратко време. “

Истрагата е дел од Breakthrough Listenпроект кој започна минатата година од страна на инвеститорот Јури Милнер. Програмата има за цел да ги истражи 1.000.000-те најблиски ѕвезди до Земјата, при тоа покривајќи 10 пати поголема област на небото, пет пати повеќе од радио спектарот и 100 пати побрзо.

 „Овој проект ја користи најмоќната СЕТИ опрема на планетата и има достап до најголемите телескопи во моментов,“ продолжува Симион, кој е исто така и ко-директор на „Breakthrough Listen“.

„Ќе можеме да се фокусираме на ѕвездата со поголема сензитивност и со поголем спектар на типови сигнал од било кој друг експеримент на светот. “

Планирани се три осумчасовни набљудувања во наредните два месеци, кои ќе соберат вчудоневидувачки петабајт (1 милион гигабајти) од информации за преку 100 милиони радио фреквенции. Тимот не очекува да пронајде вонземски структури, но мистериите поврзани со оваа ѕвезда дефинитивно повикуваат на подетални и повнимателни истражувања.

„Буквално секој СЕТИ телескоп, секој астроном со било каков телескоп на било која бранова должина која може да ја набљудува ѕвездата на Таби, го има свртено своето внимание кон оваа ѕвезда,“ додава тој.

„Ѕвездата беше набљудувана со Хабл, со Кек, гледана во инфрацрвени, радио и високоенергетски опсег и скоро сè останато што можете да замислите, вклучувајќи низа од инструментите на СЕТИ. Сè уште ништо не е пронајдено.“

Ѕвездата на Таби беше пријавена од страна на асистент професорката Табета Бојаџан (по која е именувана самата ѕвезда) во септември 2015-тата година, откако ѕвездата беше обележана од страна на аматерските научници со интерес за астрономија, заради забележувањето на необични падови на ѕвездената светлина. Последователните анализи не доведоа до конкретни одговори, па засега останува само дека KIC 8462852 е ѕвезда како никоја друга.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: IFL Science

Сподели.